Се будат рано пред зори, одгледуваат зеленчук и расад, собираат лековити растенија, одгледуваат кози, прават сирење, ракија, ликери, џемови, зимница, носители се на земјоделски стопанства, покрај сето ова возат трактор, прават вино, пишуваат проекти и ги реализираат… Сето ова влегува во активностите на речиси сите рурални жени.
Секоја селска жена, е посветена на земјоделското стопанство, работи многу , од утро до вечер, а истовремено се грижи и за семејството, особено за децата, можеби и за своите постари родители , а сите овие предизвици кои ги носи секојдневито, оваа година се надополнети со предизвикот на корона вирусот.
Жените на првата линија во борбата со пандемијата
Жените и девојките во руралните области се оние кои играат клучна улога во земјоделството и безбедноста на храната, што е особено важно за време на пандемијата. Но, во исто време, квалитетот на нивниот живот се влошува. Пристапот до здравствени услуги, основните лекови и вакцини е под знак прашалник.
„Многу жени кои живеат на село страдаат од изолација, како и од ширење на дезинформации и недостаток на пристап до важни технологии што би ја олеснале нивната работа и нивниот приватен живот“, се вели во соопштението на ООН, а посебно се нагласува дека и покрај се жените се на напрвата линија во борбата со пандемијата па дури и во услови на блокада се зголемија нивните домашни работи.
Без оглед на се, тие се подготвени да остават сè настрана и да и помогнат на својата заедница. Примери за кои ООН пишува се милиони рурални жени во земјите од третиот свет, Индија, Кина, Сенегал, Мали кои се организираа во групи за самопомош и шиеја маски, правеа средства за дезинфекција на рацете, но обезбедуваа и свежа храна преку заеднички кујни и информации за текот на пандемијата.
Сигурно многу вакви примери има и кај нас.
И во штала и на фејсбук
Секое време со себе носи нови предизвици. Технологијата во земјоделството ги прави сите работни места многу полесни, и за мажите и за жените. Пред повеќе од 30 години кравите се молзеа рачно и тоа дава пати на ден. Денес, поголемите фарми имаат простории за молзење и друга опрема што им ја олеснува работата. Но, има и поголеми побарувања на пазарот, потребно е повеќе време кое производителот треба да го помине во комуникација со клиенти, исполнување на нивните желби иизнаоѓање начини како да ги достигне. Многу добро знаеме дека повеќето од овие работи за кои е потребно време и концентрација ги вршат жени.
Затоа, работите треба да се поделат што е можно повеќе за да се избегнат ситуациите да жените работат цел ден – од штала, преку ручек, грижа за деца, до фотографирање производи за Фејсбук…
Во полоша состојба од своите машки колеги
Покрај тоа, треба да се има предвид дека жените и девојките во руралните области страдаат непропорционално од повеќедимензионална сиромаштија. Иако екстремната сиромаштија е намалена на глобално ниво, милијарда луѓе во светот, кои сè уште живеат во неприфатливи услови, се главно концентрирани во руралните области.
Жените земјоделки можат да бидат исто толку продуктивни и во претприемаштвото, како и нивните машки колеги, но според изјавата на ООН, тие претежно имаат помалку пристап до земјиште, кредити, пазари и синџири на храна со високи вредности.
Особено е тешко за оние чии сопрузи се принудени да работат во странство, а тие со остатокот од семејството се оставени да се грижат за сè.
Затоа, не само на овој ден, треба да се потсетуваме, дека жените во руралните области и во земјоделството треба да бидат еднакви на мажите во нивните права, и дека нивниот квалитет на живот, од здравствена заштита, преку образование до пристап до информации, мора да биде еднаков на оние во урбаните средини.
