Обилниот дожд и водотеците од планината Баба интензивно ја полнат вештачката акумулација „Стрежево” со која стопанисува истоименото битолско јавно претпријатие.
Генералниот директор Методија Граматковски информира дека до утрово околу браната наврнале повеќе од 50 литри дожд на квадратен метар, а во акумулацијата има околу 50 милиони кубни метри вода.
-Нашите екипи се на терен и внимателно следат како се врши слевањето на водите по собирниот канал и од коритото на реката Шемница. Само овие води, викендов во акумулацијата внесоа околу 2 милиони метри кубни вода. Зголемен е и дотекот на вода од реката Драгор, како и другите планински водотеци, и сите води ќе ги прифатиме во акумулацијата, посочи Граматковски.
Од ЈП „Стрежево”-Битола потврдија дека електро-енергетските постројки се исклучени, единствено во функција е ставена деривационата централа ХЕЦ „Довлеџик” во тој град.
МИА
