Дождот кој ја зафати нашата земја од средата попладне, е од големо значење за земјоделските култури. Според агроекспертите, поради многу топлото време и високите температури ова лето, дождот е добредојден бидејќи на површината на почвата ѝ беше потребна влага.
Велат дека дождот го подобрил водниот режим во почвата со што е овозможен понатамошен развој на растенијата, особено на пченката овие дождови ѝ овозможија да се ревитализира и да продолжи со добра фаза на развој.
„Температурите изминатиот период беа многу високи и тие, додека имаше влага во земјиштето, позитивно влијаеја на растот и развојот на земјоделските култури. Меѓутоа подоцна овие високи температури негативно се одразија најпрво на листот на кој му беше неопходна влагата од коренот“, објаснуваат земјоделските експерти.
Според нив, долготрајната суша со дневни температури кои надминуваа и над 40 степени, ги намали приносите на поедини земјоделски култури, а таму каде што нема системи за наводнување, последиците веќе се гледаат.
После неколкуте врели бранови во земјата освежувањето е добредојдено иако не така како што се надеваа земјоделците зашто невремето во поедини места им наштети на дел од земјоделските култури. Според стручњаците она што не успеа да го уништи мразот на почетокот на април, успеа долгиот сушен период со екстремно високи температури во текот на летото.
„Растенијата кои немаат доволно влага нема да успеат да формираат родни папки, па последиците од сушата ќе се почувствуваат и наредната година. На парцелите каде што има понизок ораничен слој и каде што растението не е добро вкоренето, доаѓа до пресушување на стеблото, а таму каде што е подебел ораничниот слој и растението можело да дојде до влага, последиците од сушата ќе бидат помалку видливи. Нешто подобро можеби поминаа градинарите и тоа благодарение на системите за наводнување, а пред сѐ бавчите кои им се сместени во близина на вода“, сметаат експертите.
Сушата го намали и родот на малините, според некои проценки приносот во однос на минатата година е исто така намален. Бидејќи сите култури се во фаза на поодминат развој, според стручњаците не се очекува појава на болести и штетници.
Дождот добредојден за земјоделските култури
Остави коментар
Остави коментар
