Вчера во попладневните часови под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражителите од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и полициски службеници од ОСОСК реализираа акција во која беа лишени од слобода пет лица. Поради постоење на основано сомнение дека првосомничениот сторил продолжено кривично дело Давање поткуп и кривично дело Давање награда за противзаконито влијание, додека три лица како посредници сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, а едно лице сторило продолжено кривично дело Примање поткуп, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против сите осомничени.
Министерството за внатрешни работи и обвинителството денеска дадоа детали за вчерашната акција во која, меѓу другите, беше уапсен и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев.
Во соопштението на МВР, се вели дека биле лишени од слобода пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Ф. (77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф. (44), Ј.К. (35) и И.С. (57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Д.Д.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничен е тој што понудил мито. Како управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност.
