Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на буџетот, туку е одговор на променетите економски услови со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина – рече денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Овој ребаланс, напомена, е потребен за навремено усогласување на буџетските проекции со новите економски услови и реалните текови во економијата до крајот на годината.
– Вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови, но и потврда дека јавните финансии ги управуваме одговорно и со јасни приоритети. Обезбедуваме стабилен буџет, редовно финансирање на сите обврски и заштита на граѓаните. Правиме корекции онаму каде што се неопходни, штедиме таму каде што можеме, но продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно за идниот економски раст. Овој ребаланс не е чекор назад. Тој е навремена адаптација на буџетот на новите услови и потврда дека остануваме посветени на стабилни јавни финансии, заштита на животниот стандард и продолжување на економскиот раст – истакна Димитриеска-Кочоска на прес-конференција во Владата.
Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
– Изминатиот период глобалната криза донесе нови предизвици, особено преку растот на цените на енергенстте и зголемените ценовни притисоци. Кога во јули го подготвувавме првиот ребаланс, процените беа дека состојбата на меѓународните пазари постепено ќе се стабилизира. Во меѓувреме, за жал, се случи спротивното. Геополитичката криза се продлабочи, цените на енергентите продолжија да растат, а Владата реагира со конкретни мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните и економијата. Потврда дека мерките се наврмени и добро одмерени е тоа што инфлацијата е стабилизирана (намалена), што значи дека нема прелевање на високите цени на нафтата врз другите производи и услуги – истакна Димитриеска-Кочоска.
Како што потенцира, намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти имаат единствена јасна цел – да се заштити животниот стандард на граѓаните и да им се помогне на компаниите полесно да се справат со ценовниот шок.
– Но, овие мерки имаат директен ефект и врз буџетските приходи. Токму затоа со вториот ребаланс ги усогласуваме приходите и расходите со реалните економски текови и обезбедуваме стабилно функционирање на буџетот до крајот на годината. Сакам јасно да нагласам: вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина – истакна министерката.
Осврнувајќи се на клучните параметри, информира дека вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции.
– Ова намалување во најголем дел е резултат на променетите услови на пазарот на енергенси и мерките што ги презедовме за заштита на граѓаните и економијата. Истовремено, остварувањето на приходите во текот на годината покажува позитивна динамика. Кај даночните приходи со ребалансот е направена умерена корекција, од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување од 1,6 процент. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата – рече министерката.
Според неа, кај неданочните приходи и донациите, со измените и дополнувањата на буџетот се предвидува намалување за речиси две милијарди денари. Намалувањето е целосно кај сопствените сметки на буџетските корисници, пред сè како резултат на пролонгираното спроведување проекти од самофинансирачки активности, при што постојат расположливи ликвидни средства.
Кај другите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ-то и царинските приходи – очекувањата остануваат стабилни и во рамките на планираните износи.
– На расходната страна, пристапуваме одговорно и дисциплинирано. Вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милјарди денари во однос на претходните проекции. Надолната проекција се должи на намалување кај стоките и услугите и субвенциите како резултат на дисциплинирано и поефикасно трошење, со истовремено обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и за здравствените услуги. Ги намалуваме расходите онаму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од приближно 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти – нагласи Димитриеска-Кочоска.
Тоа не значи, додаде, откажување од капиталните инвестиции.
– Продолжуваме со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура. Продолжува реализацијата на проектите поврзани со Коридорот 8 и Коридорот 10 Д, како и изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце. Во железничката инфраструктура продолжуваме со реализацијата на Коридорот 8, како и со проектот за заеднички железнички граничен премин со Србија во Табановце. Значајни средства остануваат насочени кон водоснабдување, канализација, пречистителни станици и регионални системи за управување со отпад, вклучително и продолжување на проектот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Продолжуваат и инвестициите во реконструкција и изградба на училишта, спортски сали, студентски и ученички домови, како и проектите за унапредување на основното образование, детската заштита, социјалните услуги, енергетската ефикасност и модернизацијата на земјоделството – потенцира министерката.
Порача и дека е особено важно тоа што продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво како дел од политиката за рамномерен регионален развој.
– Иако остварувањата во првата половина од година, кога бруто-домашниот производ забележа раст од 3,7 %, се подобри од очекувањата, проекцијата за растот во 2026 година останува непроменета, односно 3,5 %, водени од претпазливост имајќи предвид дека конфликтите на Блискиот Исток и во Украина сè уште траат, а глобалната економска активност останува неизвесна и во остатокот на годината. И покрај сите предизвици, една работа останува непроменета – буџетскиот дефицит. Со вториот ребаланс дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4 % проценти од БДП. Во исто време, државата во 2026 година треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се отплата на надворешниот, а 19,9 милијарди денари на домашниот долг и 1,6 милјарда денари одлив по даден заем кон Развојната банка. Дополнително, се сервисираат обврски и по основа на издадени едногодишни државни хартии од вредност во износ од речиси една милијарда евра. Овие обврски се предвидени во буџетот и нивното редовно сервисирање е обезбедено преку планираното домашно и странско задолжување. Не дозволуваме променетите услови и мерките за заштита на граѓаните да доведат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, со оптимизација на расходите го задржуваме утврдениот фискален таргет – децидна е Димитриеска-Кочоска.
Владата на вчерашната седница го усвои предлогот за измени и дополнувања на буџетот за 2026 година.
МИА
