Државната секретарка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Надица Џерковска, учествуваше на второто издание на годишната конференција „Денови на Вардар“, која од 25 до 27 ноември се одржува во Скопје, во чиј фокус е подготовката и имплементацијата на првиот План за управување со сливот на реката Вардар.
Во своето обраќање, Џерковска ја нагласи стратешката важност на водните ресурси за одржливоста и конкурентноста на македонското земјоделство, особено во услови на сè поизразени климатски промени и растечки потреби за вода. Таа ја истакна неопходноста од интегриран пристап кој ќе овозможи рационално користење на расположливите ресурси, обезбедување стабилни услови за земјоделско производство и долгорочно зачувување на квалитетот на водите.
„Планот за управување со сливот на Вардар треба да обезбеди усогласување на потребите на земјоделското производство со целите за заштита и подобрување на состојбата на водите. Истовремено, предвидените мерки треба да бидат интегрирани во секторските политики, програмите и идните инвестиции во земјоделството и руралниот развој“, истакна Џерковска.
На конференцијата беше потенцирано значењето на меѓуинституционалната координација, регионалната соработка и вклучувањето на научната и стручната јавност во креирањето одржливи решенија за управување со водните ресурси. Воспоставувањето функционален систем за планирање, користење и заштита на водите има особено значење за зајакнување на отпорноста на земјоделскиот сектор кон климатските предизвици и обезбедување долгорочна сигурност на производството.
Планот за управување со сливот на Вардар се подготвува во согласност со Рамковната директива за води на Европската Унија, со поддршка на Швајцарската програма за управување, користење и заштита на води, која е и организатор на конференцијата.
МЗШВ

