Глобалните резерви на храна се загрозени од руската инвазија на Украина, а меѓународната заедница треба да ја намали зависноста од руските земјоделски суровини, се вели во соопштението на норвешкиот производител на ѓубрива Yara International, потпишано од Свеин Торе Холсетер, претседател и извршен директор на компанијата.
Тие се загрижени за целата ситуација, особено што директно се засегнати од конфликтот поради нивните вработени кои се во воената зона, но и поради проектилот што ја погоди деловната зграда на Yara International во Киев.
Истакнуваат дека Украина и Русија се главните извозници на основните прехранбени производи во светот, со околу 29 отсто од извозот на пченица, 19 отсто од залихите на пченка и 80 отсто од извозот на сончогледово масло. Компанијата соопшти дека вкупно 25 отсто од европската понуда на клучни хранливи материи за растенијата, азот, калиум и фосфор, доаѓа од Русија, а земјата извезува хранливи материи за земјоделските култури, како и природен гас, што е клучно за производство на ѓубрива базирани на азот.
Нема краткорочни алтернативи
„Со оглед на тоа што геополитичките услови не се балансирани, најголемите извори на суровини за европското производство на храна се предмет на ограничувања и нема краткорочни алтернативи“, велат од Yara International. Оваа компанија е главен купувач на суровини, како што се фосфор и калиум, од Русија, која ги снабдува европските постројки за азотни ѓубрива со природен гас.
Тие, исто така, истакнаа дека Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна (WFP), изјавил дека војната во Украина ќе има драматично влијание врз способноста на организацијата да допре до 120 милиони луѓе на кои им е потребна храна. Тој на својот Твитер објави дека трошоците за храна, гориво и транспорт исклучително ќе се зголемат.
Фјучерсите на пченицата пораснаа во последните денови поради загриженоста за нова ситуација што ќе продолжи да ја попречува испораката на жито од регионот на Црното Море. Украина е една од водечките светски сили кога станува збор за земјоделското производство и втора по големина во светот во однос на житарките. Конфликтот може да биде пресуден фактор за овогодинешното производство, како за ѓубрење на зимските култури, така и за сеидба на пролетните култури.
Од друга страна, Русија има огромни ресурси во однос на храната, но и резерви на природен гас, кој е неопходен за производство на азот. 40 отсто од снабдувањето со гас во Европа доаѓа од оваа земја.
Дали на светот му се заканува глад?
Сепак, Yara International нагласува дека најголемите извори на суровини за европско производство на храна се предмет на ограничувања и повторува дека нема краткорочни алтернативи.
„Една од потенцијалните последици е тоа што само најпривилегираниот дел од светското население има пристап до доволно храна. Светот со нестабилни резерви на храна е свет на глад, зголемена смртност, вооружени конфликти, миграција, немири и дестабилизирани општества, што може дополнително да ги забрзаат геополитичките тензии“, предупредија тие и додаваат дека од клучно значење е меѓународната заедница да се обедини и да работи на обезбедување на светското производство на храна и намалување на зависноста од Русија.
„Ова е тешка дилема помеѓу продолжување на набавката од Русија на краткорочна основа или исклучување од меѓународните синџири на храна. Последната опција може да има значителни социјални последици“, велат тие, пренесува agroklub.

