Научниците од универзитетот Корнел направија истражување за тоа како цвеќињата влијаат на болестите и паразитите кај пчелите и откриле три главни фактори кои влијаат на тоа: изобилството на цвеќиња, бројот на пчели и нивна разновидност.
Студијата, објавена во списанието Nature Ecology and Evolution, покажа дека најмалку една од осум пчели има најмалку еден паразит и дека секој единаесетти цвет носи паразити кои ја предизвикуваат нивната болест.
Студијата е направена во поле во источен Њујорк каде научниците испитувале 2.624 цвеќиња од 89 видови и 2.672 пчели од 110 видови и тоа со анализирање на паразитите на овие инсекти во текот на сезоната на растење. Користејќи молекуларни податоци, тие идентификуваа пет вообичаени протозои и габични паразити.
„Многу малку знаеме за пренесувањето на овие заболувања“, рече авторот на студијата Скот МекАрт, доцент за ентомологија на Факултетот за земјоделство и животни науки на Универзитетот Корнел. „Нашата студија покажува дека пчелите можат да пренесат болести на различни видови цвеќиња, а интензитетот го одредуваат цветните и пчелните заедници“, додаде тој.
Научниците откриле три главни фактори кои влијаат на пренесувањето на болеста, а тоа се изобилството на цвеќе, бројот на пчели и нивната разновидност.

Повеќе цвеќиња на полињата го намалуваат ризикот од болести
Како што напредува сезоната, така се зголемува и бројот на цвеќињата во полињата. Во исто време, се намалува процентот на оние кои имаат паразити, а со тоа се намалува и ризикот, пчелите да се заразат со паразитот кога ќе слетаат на цветот.
„Тоа има навистина важна улога за зштита, затоа ако сакате да го ограничите ширењето на болеста, само засадете многу цвеќиња“, рече МекАрт, додавајќи дека садењето на овој вид растенија нуди и храна за опрашувачите. „Тоа е придобивка: ако садиме цвеќиња ќе создаваме многу храна за пчелите, а можеме да ги спречиме и болестите“.
Студијата покажала дека инсектите, како што се пчелите кои живеат во семејства и бумбарите се повеќе подложни на инфекции отколку осамените видови пчели. Научниците откриле дека подоцна во сезоната, бројот на пчели кои живеат во семејства се зголемил, додека нивната разновидност генерално се намалила.
И разновидноста го намалува ширењето на болестите
„И разновидноста на пчелите ја намалува веројатноста за заразување, што е добро за нивното зачувување: ако ја промовираме нивната разновидност, ќе има помалку болести“, рече МекАрт.
Во студиите планирани за во иднина, тие планираат да прават испитувања околу тоа, зошто пчелите се толку подложни на паразити.
Извор: Агроклуб
