И покрај поројните локални дождови и влажното време вчера во државава имало четири пожари на отворено и сите се изгаснати, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во саботата на Единствениот број за итни случаи во ЦУК имало двојно повеќе повици од вообичаеното за координирање и решавање комбинирани случаи.
-За тоа најверојатно најмногу придонесоа локалните поројни дождови што почнаа од петокот, покрај други локални случувања. Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје, вчера од 18:30 до 20:30 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило гаснеле запалено стрниште и околна вегетација, на површина од 2.000 метри квадратни во атарот на селата Горно Коњаре и Катлановска Сушица, покрај стариот пат за Свети Николе во Општина Петровец, велат од ЦУК.
На Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, вчера првично било добиена дополнителна информација за веќе пријавениот пожар во атарот на село Сушица, дека пожарот опасно се доближил на околу 500 до 600 метри пред селото од левата страна и се приближува кон првите неколку куќи од селото. Притоа било брзо реагирано, па и ТППЕ од Куманово биле запознаени и подготвени за интервенција за ако треба дополнителна помош од кумановска страна, но пожарникарите од БППЗ на Град Скопје успеале да го совладаат пожарот.
Пожарникарите од Територијалната противпожарна заштита Битола, вчера од 17:20 до 18:15 часот, со два пожарникара и едно противпожарно возило гаснеле запалена ниска вегетација и стрниште во атар на село Добромири. Од 18:45 до 19:25 часот, пожарникарите од ТППЕ Кривогаштани со два пожарникара и едно противпожарно возило гаснеле запалена ниска вегетација и стрниште во атар на село Кривогаштани.
ТППЕ Кичево имала една интервенција, при што брзо и ефикасно ја изгаснале запалена дрвена бандера и околниот простор до бандерата, со што не дозволиле пожарот евентуално да се прошири.
Според извештаите за работата на Единствениот број за итни ситуации 112 во ЦУК, за време викендот биле примени повици во рамки на дневниот просек од 1.500 до 2.000. Во саботата биле примени 1.676, а во неделата 1.514 повици за итни случаи. Најмногу повици биле упатени кон Полицијата и Итната медицинска помош.
-Викендов, особено во саботата ЦУК имал над двојно повеќе итни сучаи за комбинирано решавање. Конкретно, ЦУК решава итни случаи од вкупниот број „реални“ повици, во просек од 4 до 10 отсто од пријавените, а овој викенд особено во саботата тој просек бил 22 проценти, што значи дека имало многу повици за комбинирано дејствување, велат од ЦУК.
Оттаму со препорака до возачите да внимаваат на апелите на АМСМ за прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово, Кочани – Делчево, а и на делницата Куманово – Крива Паланка.
МИА