Погледите на љубопитните речиси секогаш ги привлекуваат малите градби на 80-годишна Иванка Клочовска од Битола, една од основачките на ЗУР Македонски ракотворби – Битола и најплодна негова ракотворка.
Кога ќе дојдете во нејзиниот дом ќе видите нешто што ретко може да се види. Како на јаве, пред вас ќе застанат Саат кулата, Митрополијата, црквата „Св. Димитрие“ од Битола, Слепченскиот манастир, Исак џамија и над други 1000 дела. Нејзините дела ќе ве вратат низ вековите, ќе ве маѓепсаат со својата убавина.

Тетка Иванка од обични каменчиња прави вистинска уметност. Внимателно редејќи каменче по каменче, со многу љубов и труд ги претвора во вредни духовни и уметнички дела.
„Инспирација за да ги изработувам овие дела ми дојде од духовното во мене, но и од пред 35 години кога со пензионерите и како член на пејачката група „Сирма Војвода“ од Битола, во која членував цели дваесет години, ги посетувавме црквите и манастирите кои во тој период беа разурнати, дотраени, необновени, па токму на тој начин сакав повторно да им дадам душа и да ги возобновам во минијатура“, раскажува за Агротим.мк, нашата соговорничка.

Вели малите црквички и манастири ги изработува од мали каменчиња, со разни форми, бои и големини, кои ги собирала додека одмарале со групите со кои патувала покрај реките, а подоцна ги селектирала. Вели дека за изработката на едно нејзино дело е потребно време, зависно од големината.

„Зависи од структурата на самата креација, дали станува збор за поедноставна изработка или таква на која треба да се изработат и сводови, значи отприлика од еден месец, месец и половина па до неколку месеци. Моите црквички не се за надворешно поставување, затоа што подлогата од која се изработени е направена од пресуван прешпан, материјал од кој се изработуваат дихтоните за тешките возила. Камчињата ги лепам со помош на лепак, односно прашок кој го добивам од мојот брат кој живее во Австралија, а го преработувам со разни смоли од бор, добива цврста форма и е безбоен па така и не се познава кога се лепат камчињата со него“, ни објаснува тетка Иванка.

Вели дека за нејзините изработки најмногу се интересирале бројните туристи кои доаѓале на Широк Сокак најмногу во летниот период.

„Цената е различна и се движи од 600 денари за едно дело кое може да го ставите во автомобилот, па до 2000 денари, зависно од големината. Имам изработени цркви „Света Богородица“, „Свети Илија“, „Свети Јован“, „Свети Ѓорѓи“, горда сум на Саат кулата која од страна на купувачите е најмногу барана особено од туристите кои сакаат да ја имаат како сувенир од Битола. Во почетоците од моето работење го направив и Марковиот манастир од село Соње, Скопско со димензии 120х60 см а висок 80 см, но за жал бидејќи зазема голем простор, а како што реков моите производи се чуваат исклучиво во затворен простор, бидејќи не се продаде ќе морам да го уништам“, со тага во гласот ни рече тетка Иванка.

И денес доколку го посетите нејзиниот дом ќе можете да купите бројни дела изработени со љубов и многу труд за кои тетка Иванка вели дека нејзините чувства најдобро ги изразува само преку нејзините творештва.

