Цените на житарките на светскиот пазар се под влијание на војната во Украина и слободните транспортни коридори во Црното Море. Во Европа тие паднаа, па пченицата во понеделникот на парискиот MATIF се продаваше за 348,50 евра за тон, а пченката за 340,00 евра за тон, наведува Агрархеуте.
Кога станува збор за берзата CBoT во Чикаго, цените се зголемија поради стравувањата дека интензивирањето на конфликтот меѓу Русија и Украина може да го наруши украинскиот извоз преку пристаништата на Црното Море. Цената на пченицата на фјучерс пазарот изнесуваше 320,93 евра за тон. Декемврискиот договор за пченка имаше цена од 275,86 евра за тон. Сојата се продаваше за 516,53 евра за тон.
Најголемо влијание имаше најавата дека Русија може да го запре извозот преку Црното Море. Ова предизвика нагол скок на цените минатата недела. Извозот на житарки од Украина во првите 17 дена од октомври беше за само 2,4 отсто помал отколку во истиот период во 2021 година и покрај затворањето на неколку пристаништа.
Во понеделникот Русија му порача на високиот претставник на Обединетите нации дека продолжувањето на договорот зависи од тоа дали Западот ќе го олесни рускиот извоз на земјоделски производи и ѓубрива, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Портпаролот на ОН, Стефан Дујарик, подоцна изјави дека разговорите за продолжување и проширување на овој документ ќе продолжат, наведува Ројтерс.
Како што знаеме, договорот од јули овозможи извоз на повеќе од 6 милиони тони житарки и друга храна, а доколку не се продолжи, може да истече следниот месец.
