Британските фармери се повеќе се загрижени за климатските промени и се прашуваат што воопшто ќе можат да одгледуваат во нивната земја во блиска иднина. Велика Британија е позната по долгите дождливи периоди, недоволното сонце и топлите денови, па минатото лето биле прилично изненадени од жештините што ја зафатија нивната земја, иако во многу помали размери од остатокот на Европа.
Како што истакнуваат британските фармери, јасно е дека климата се менува, затоа некои од нив се осмелиле да ги искористат овие климатски промени и да засадат садници кои претходно не успевале во Англија. Гај Вотсон на југозападниот дел на Англија решил да си ја проба среќата, па во 2020 година на 20 хектари засадил ореви и лешници, плодови кои не растат во овој дел на Англија токму поради студената и дождлива клима.

-Јаткастите плодови претходно не успеваа во Британија токму поради нашата клима. Можеше да се засадат, дрвото ќе пораснеше, но плодовите главно не можеа да се јадат. Сега сето тоа се менува, а нашата идеја беше да произведуваме храна на начин што ќе има најмало влијание врз природата и биодиверзитетот – објасни Вотсон за Euronews.
Уште старите Римјани донеле во Британија лешници, слатки костени и ореви кои растат во дивината и стеблата биле користени како градежен материјал додека плодовите не успевале да созреат поради студената и дождлива клима.
-Во Британија нема плантажи со лешници и тука ја гледаме нашата шанса. Порано бевме на самиот раб на одржлив развој на ова овошје, но минатогодишните плус 40 степени во текот на летото ни покажаа дека практично многу наскоро ќе имаме речиси оптимални услови за одгледување јаткасти плодови – смета тој.

Иако е свесен дека се потребни најмалку пет години додека стеблата со ореви ќе почнат да даваат плодови, Вотсон смета дека одгледувањето насади со ореви е инвестиција во иднината.
-Повеќегодишните дрвја како што се оревите многу полесно ќе толерираат непредвидливи варијации кога станува збор за климата. Затоа верувам дека одгледувањето јаткасти плодови е посигурно од другите култури. Оревите имаат силно и високо стебло, длабоки корени, така што многу подобро ќе ги издржат периодите на интензивни врнежи или суши од, да речеме, зелената салата. Дополнително, кога оревите ќе почнат да даваат плод, јас и моите потомци ќе имаме стабилен и сигурен приход во наредните 100 години – нагласи тој.

Вотсон е свесен дека се впуштил во ризичен бизнис, но има доверба во своето расудување и веќе прави планови за периодот на берба, кој би можел да биде најрано за две години. Како што појасни, сака да се занимава не само со производство на ореви како суровина, туку и со нивна преработка, па веќе размислува како ќе може машински да ги лупи оревите, бидејќи се друго, како што вели, е неисплатливо.
