Сочните, меки јагоди се поволна средина за инфекции и развој на разни болести. По дожд и на влажна почва ботритисот е честа појава. Оваа болест е позната како сива мувла, а ја предизвикува габата Botrytis cinerea која живее во почвата и на растителните остатоци. Презимува во форма на мицелиум, а во пролет создава спори кои ги се разнесуваат со ветерот и водата.
Поволните услови за развој на болеста се високата влажност и слабото струење на воздухот. Најповолна температура за развој на болеста е од 15 до 20ºC. Силна инфекција може да се развие кога времето е дождливо и температурата е од 13 до 15ºC. На температура од 0ºC инфекцијата се развива за еден ден, а на температура од 20ºC за 5 часа.

Симптомите се појавуваат на листовите, пупките, цветовите и на зрелите плодови. Најчесто се јавува на плодови кои ја допираат земјата. Прво, се појавуваат помали кафени или сиви дамки кои се шират и го зафаќаат целиот плод. Зелените плодови стануваат мумифицирани, а зрелите брзо гнијат. Во поволни услови, на површината на јагодите се појавува меки мицелиум.
Има повеќе репродуктивни циклуси, што овозможува ширење на инфекцијата. Намалувањето на приносот се движи од 40 до 70 проценти, а понекогаш може да се уништи и целиот род.
Како да се спречи болеста?
Одгледувањето на отпорни сорти, изборот на локација и временските услови играат голема улога во спречувањето на ботритисот. Јагодите не треба да се одгледуваат таму каде што водата стагнира, каде што влажноста на почвата и воздухот е висока. Јагодите бараат почва со добра пропустливост каде што има струење на воздухот. Посевот не смее да биде премногу густ. Се садат колку што е можно подалеку од малините, кои често се извор на спори на ботритис. Не треба да се претерува со наводнувањето.

Болеста се развива пред плодоносење и затоа превентивните мерки се важни во сите фази на развојот на јагодата. Придржувајте се до плодоредот. Растенијата се садат на меѓуредно растојание од околу 70 см и во ред на растојание од 20 до 30 см. Плевелите од посевите треба редовно да се отстрануваат. При првите знаци на инфекција, отстранете ги заразените делови од растението. Користете сув малч или материјали кои брзо се сушат.
Фунгициди и природни методи
При примена на фунгициди треба да се внимава на должината на каренцата. Се применуваат во пролет пред активно растење на листовите, во периодот пред цветање или за време на цветањето, а пред формирањето на плодовите, особено ако годината е врнежлива и по бербата на јагодите.
Кога болеста ќе се појави во периодот на зреење тоа бара многу повеќе труд, примена на природни методи, многу време, а успехот не е загарантиран.
Ефикасно е отстранувањето и изнесувањето на плодовите каде што ќе се забележите симптоми. Однесете ги што подалеку, бидејќи спорите ќе предизвикаат нови инфекции. Исцедувањето на вишокот вода и ставањето сув малч ќе го спречи контактот на плодовите со почвата. Користете природни препарати кои го спречуваат гниењето на база на лук или црвен кромид, јод, пепел од дрво, сенф во прав.
За време на цветањето и додека плодовите се уште зелени, ефикасно средство се подготвува кога во 10 литри топла вода ќе се додадат околу 150 грама сечкан лук, 100 грама сенф во прав, 20 грама катрански сапун и сето тоа добро ќе се измеша. За да го зајакнете ефектот, можете да додадете една лажица екстракт од бор. По бербата се користат препарати на база на корисни бактерии и габи, пишува Аgroklub.
