Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се клучниот линк за комуникација со земјоделците, првиот впечаток, првиот контакт на земјоделците со Владата и институциите.
За вработените пак, тоа значи дека се први на „удар“ на евентуално незадоволство или неинформираност од страна на земјоделците. Но исто така земјоделците тука ја наоѓаат првата помош во врска со сите информации кои им се потребни. Тие во канцелариите на Подрачните единици доаѓаат кога треба да се поднесе барање за субвенции, за мерки на Владата, аплицирање за државна земјоделска земја…
Повеќе за работата и важноста на Подрачните единици на МЗШВ, разговараме со раководител на Сектор за организација и координација на ПЕ, Борче Јоневски.
АГРОТИМ: За да може да ја имаме целата слика околу важноста и работењето на Подрачни единици, најнапред информацијата колку вакви канцеларии има во цела држава и со колкав број вработени?
ЈОНОВСКИ: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е организирано во 45 Подрачни единици, од нив 39 се целосно ставени во функција, а за останатите 6 за кој што немаме канцеларија обврските ги завршува најблиската поголема ПЕ (пример обврските на ПЕ Јагуновце се извршуваат во ПЕ Тетово). Во моментов во Подрачните единици ширум државата своите работни обврски ги извршуваат 370 административни службеници.
АГРОТИМ: Која е основната функција на Подрачните единици?
ЈОНОВСКИ: Сервис на министерството кон граѓаните со функции поделени во две поголеми области:
Првата помош и асистенција при аплицирање во национални и европски програми за подршка во земјоделскиот развој и втора предлагање на земјоделско земјиште за оглас.
Втората ставање во владение на истото како и следење на наплата за закупнина согласно договорите. Ова се воглавно двете најголеми обврски кон земјоделците, покрај ова ние сме сервис на широкото законодавно подрачје од областа на земјоделството.
АГРОТИМ: Во каква состојба ги најдовте кога дојдовте нa позицијата?
ЈОНОВСКИ: Во август месец 2017 година кога ме назначија за овластен раководител на Сектор за организација и координација на ПЕ најпрвин се судрив со проблем немање на потребен материјал за работа(хартија, тонери и слично). Кон крајот на месец септември заедно со претставник од кабинетот на премиерот се спроведуваше посета и сондирање на проблемите на вработените во процесот на остварување на правата на земјоделците, при што се утвреди немање на основни средства за работа ( недоволен простор за бројот на изврешителите кои се вработени, немање доволен број на столчиња, бироа, компјутери и друга техничка опрема).
Во сите објекти каде што се сместени подрачните единици при МЗШВ, а каде имаше просторни можности се изврши проширување на просторот, додека онаму каде што не беше изводливо и условите не соодветни за работа подрачните единици ги преселивме во други посоодветни простории.
Во почеток на 2018 година спроведовме јавна набавка за канцелариски материјали и од тогаш наваму во континуитет има секогаш на залиха доволно количество на канцелариски материјал за остварување на функциите на Подрачните единици.
Во 2018 година предвидовме средства, а во 2019 година реализиравме за прв пат од постоењето на независна Македонија, набавка на 400 столчиња, 400 бироа, 400 фиокари и 105 плакари за секој вработен во подрачните единици при МЗШВ, паралелно во министерството преку ИПА- фондовите се воспостави интегриран компјутерски систем при што сите ослободени персоналнои компјутерски единици ги инсталиравме во подрачните единици. Со овој процес истовремено се одвиваше и кадровско екипирање. Во подрачните единици на министерството од вкупниот број на вработени повеќе од 70 % беа со средно образование со што значително беше загрозен административниот капацитет за обавување на работните задачи и давање совети на земјоделците, затоа во 2018 и 2019 година вработивме и прераспределивме повеќе од четириесетина извршители со високо образование.
АГРОТИМ: Што е она што беше позитивно направено изминативе години и што го продолживте или усовршивте?
ЈОНОВСКИ: Со воспоставување на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој надлежностите за остварувања на правата на земјоделците од директни плаќања, рурален развој и ИПАРД се префрлија на платежната агенција со цел да останат услугите поблиску до граѓаните беше склучен договор со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и таа надлежност во име на Агенцијата ја обавуваат подрачните единици. Ваквата воспоставена пракса се оцени како позитивна и продолжи да функционира и во периодот до ден денеска.
МЗШВ во соработка со ЗЕЛС во улога на доближување на услугите до граѓаните ги разгледува и разработува моделите за предавање на единиците на локалната самоуправа.
АГРОТИМ: Кои се најчестите поплаки од страна на земјоделците?
Во изминативе 15 години со неколку ИПА проекти се воспоставија неколку електронски системи со што непотребно се обремени и работата на административните службеници од една страна и ги примора земјоделците да вршат повеќекратно ажурирање на податоците во сите тие системи.
Министерството е во завршна фаза на подготовки за отпочнување на нова активност за интегрирање на сите овие системи во еден и нивна значителна интероперабилност со што автоматски со ажурирањето на податоците во еден од системите ќе се спроведе ажурирање на сите системи и програмски пакети со кои располагаме кои сега се обврска на земјоделците. Со оваа активност значително ќе се олесни работењето на службениците и она што е поважно значително ќе се намали потребата од често доаѓање на земјоделците со цел ажурирање на податоци.
АГРОТИМ: Кои активности се во тек, на што се работи во овој период?
ЈОНОВСКИ: Во овој период како главни активности во подрачните единици се ажурирање на земјоделските стопанства, издавање на потрбните документи како и помагање на земјоделците за аплицирање за давање во закуп на државно земјоделско земјиште по пат на јавен повик и тековни активности. И секако подготвени сме за сите тековни активности кои следат, а се во интерес на земјоделските производители.
Напишете коментар