Европската комисија објави нови правила за усогласување на вакцинирањето на животните против најтешките болести, како дел од напорите за решавање на досега најголемата епидемија на птичји грип во ЕУ, пренесе Euractiv.
Оваа многу заразна вирусна болест се јавува првенствено кај живината и дивите водни птици. Постојат два вида на вирусот: високо патогени и ниско патогени, познати како HPAI и LPAI.
Минатата година Европа беше погодена од најлошиот бран на птичји грип досега. Во новиот извештај, Европската управа за безбедност на храната (EFSA) пишува за степенот на појава на оваа болест помеѓу октомври 2021 и септември 2022 година, во 37 европски земји. Борбата против ширењето на инфекцијата кулминираше со 50 милиони убиени птици во погодените објекти.
Објавените правила овозможуваат координација на употребата на вакцините во напорите да се спречи или контролира ширењето на болеста. Во соопштението на Комисијата се наведува дека со тоа „ќе се овозможи безбедно движење на животните и производите од објектите и зоните каде што е извршена вакцинација“.
„Епидемиите нанесуваат огромна штета на овој земјоделски сектор и ја нарушуваат трговијата“, рече Стела Киријакидес, комесарка на ЕК за здравје и безбедност на храна.
AVEC, кој го претставува европскиот сектор за месо од живина, истакнува дека чекорот кон заедничка рамка на ЕУ за вакцинација е добредојден бидејќи ќе биде сè потешко да се контролира HPAI без вакцина. Тие предупредија дека ова не е решение кое ќе помогне засекогаш да се ослободиме од птичјиот грип. Наведуваат дека мора да се преземат и други мерки, како што е воспоставување програма за надзор за следење на ефективноста на стратегијата за вакцинација. Трошоците ќе бидат високи и не можат да паднат само на производителите.
„Индустријата за здравјето на животните е подготвена да придонесе во кампањите за вакцинација доколку и кога се појави потреба, под услов властите и владите да обезбедат јасни упатства со временски рокови кои се компатибилни со развојот и производството на инјекции“, рече Роксана Фелер, генерален секретар на AnimalhealthEurope.
Новите правила, кои се во согласност со меѓународните стандарди на Светската организација за здравје на животните WOAH, стапуваат на сила на 12 март 2023 година.
