Министерот за економија Крешник Бектеши, во денешната изјава напомена дека доколку се јави потреба, Македонија ќе увезува пченица и други житарки и од Украина.
–Земјава ќе ги почитува одлуките на Европската Унија во врска со увозот на жито од Украина, но за да се покрие потребата на потрошувачката во земјава со најдобри цени, иако ние во главно во делот на земјоделските производи увезуваме од Турција, Грција, Србија и Албанија, но во делот на пченицата и другите жита, ако има потреба ќе увезуваме и од Украина, ако имаме добра цена за нашите трговци, кои нема да направат штета на домашното производство – рече Бектеши.
Прашан во врска со преземените мерки од страна на некои членки на ЕУ за воведување забрана за увоз на житото од Украина, Бектеши рече дека во моментов нема одлука од надлежните институции за нешто такво, потенцирајќи дека за земјава приоритет е домашното производство.
– Во моментов нема одлука од надлежните институции, во овој случај од Министерството за економија и Министерството за земјоделство. За нас приоритет е домашното производство, но имајќи предвид дека не покриваме се од домашното производство, последните неколку години, ние ќе направиме големи напори, повикувајќи се на Договорот за слободна трговија во делот на земјоделството, кој неодамна беше потпишан со Украина и секако дека ќе одиме во насока на одлуките кои ќе ги носи ЕУ, потенцираше Бектеши.
