Од април 2026 година, Барселона воведува нова, значително зголемена туристичка такса која може да достигне 15 евра по ноќ по лице, што ја прави една од највисоките во Европа. Оваа одлука е дел од пошироката стратегија на градот за контрола на туристичкиот притисок врз инфраструктурата и пазарот на недвижности, но и за финансирање на проекти од јавен интерес.
Досегашните такси се движеа помеѓу 5 и 7,50 евра по ноќ, додека новата структура ќе зависи од категоријата на хотелот и видот на сместување. На пример, хотелите со четири ѕвездички ќе наплаќаат до 11,40 евра по лице по ноќ, додека хотелите со пет ѕвездички можат да наплаќаат до цели 15 евра. На гостите што престојуваат во приватно сместување или апартмани ќе им се наплаќа максимум 12,50 евра по ноќ.
Приходите од таксите ќе бидат насочени кон финансирање проекти за прифатливо домување. Ова стана горливо прашање поради порастот на краткорочните наеми и нивното влијание врз локалниот пазар на недвижности. Регионалниот парламент на Каталонија планира целосно да ги укине краткорочните изнајмувања до 2028 година, што дополнително би го регулирало пазарот и би ги намалило негативните ефекти од масовниот туризам, пишува TU Magazine.
Барселона, како и многу европски градови, се соочува со предизвиците на брзиот раст на туристи. Италијанските градови како Рим, Венеција и Фиренца наплаќаат туристичка такса помеѓу 3 и 7 евра по ноќ. Венеција дополнително ги оданочува дневните посетители за да го заштити културното наследство. Во Франција, вклучувајќи го и Париз, данокот е до 4 евра, додека Берлин применува данок од 7,5% на цената на сместување. Амстердам воведува данок од 12,5% на хотелските резервации за да се намали прекумерниот туризам, а швајцарските градови како Цирих и Женева наплаќаат од 2 до 4 швајцарски франци по ноќ.
Одлуката на Барселона покажува дека високиот туристички данок може да послужи како алатка за балансирање на масовниот туризам и квалитетот на живеење на локалното население. Иако туристите може да го гледаат ова како дополнителен трошок, тоа во суштина е обид туризмот да се направи одржлив, одговорен и корисен за заедницата на долг рок, објави Нова.рс.
