Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денеска одржаа работен состанок со новинарите од медиумите кои активно го следат земјоделскиот сектор. На состанокот беа презентирани остварените резултати за 2021 година.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството оваа 2021 година оствари рекордни исплати по сите три програми со што реализацијата на средствата е над 99 %. Исто така во текот на оваа година склучивме и многу договори и преку Националаната и преку ИПАРД 2 програмата, изјави Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за финаниска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Во оваа година преку ИПАРД 2 склучивме 507 договори со вкупна побарана сума од 16 милиони евра. Тоа се пари вложени во нови погони за производство на млеко, месо, пекарски производи, колачи, во отворање на туристички капацитети или модернизација на постојните, дел од овие средства се вложени во проекти од мерката Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства.
Преку Програмата за рурален развој исплативме близу 1,5 милјарди денари или над 24 милиони евра што е реализација над 84 % од проектираните средства. Овие средства се дадени за реализација на нови проекти преку мерките Млад земјоделец, за набавка на добиток со генетски потенцијал, за јакнење и економско здружување на земјоделците во задруги, за обнова и развој на селата, за ЛАГ – овите. Голем дел од овие средства се вложени и во капитални инвестиции за општините и нивните проекти. Со овие средства голем дел на општините направија целосно нови или ги обновија постојните патишта во руралните средини, дел за прв пат поставија водовод или канализација во рурални подрачја, со еден збор дел од средствата се вложени во поквалитетни услови за живот на граѓаните од руралните средини.
Преку мерките од Програмата за рурален развој потпишавме 50 договори за Млади земјоделци со финансиска поддршка до 10 илјади евра, доделивме 266 договори за Млади земјоделци со поддршка до 20 илјади евра, а договори за поддршка од по 3 илјади евра потпишавме со 250 жени од рурални средини односно мерката Рурална жена. Исто така во тек на оваа година доделивме 25 договори за набавка на комбајни.
Само за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или популарно субвенции исплативме над 7,5 милијарди денари или 121,5 милиони евра. Тоа се средства кои како директна поддршка се дадени за сточарите, лозарите, за тутунопроизводителите, за градинарите. Иако заради пандемијата на почетокот на годината имавме работа во смени и голем број луѓе кои користеа мерки, имаше и многу дополнителни мерки кои ги исплаќавме, сепак успеаваме сите мерки по програма 2020 година целосно да ги исплатиме“, рече Бачовски.
Исто така, Бачовски информираше дека од денеска е отворен и нов Јавен повик за сите кои имаат потреба да набават систем за наводнување капка по капка, или да направат конструкција на бунари или пак зафати на површински води. Огласот е отворен до 27 јануари 2022 година. Барањата се поднесуваат електронски, а право на аплицирање имаат сите кои се регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства“, рече Бачовски.
