Како одговорна институција за безбедноста на храната, здравствената заштита на животните и јавното здравје, преку воспоставениот интегриран систем за контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство успешно ја заокружува 2021 година. Реализирани се клучните приоритети дефинирани од Владата на Република Северна Македонија за обезбедување на највисоките стандарди за безбедност на храната и храната за животни како и планираните активности на институцијата, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, кој денеска заедно со заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски одржаа работен состанок со новинарите од медиумите кои активно го следат земјоделскиот сектор
„Горди сме како институција со потпишаниот Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ со кој меѓу Албанија, Србија и нашата држава, ќе се олесни трговијата со живи животни, храна, добиточна храна, со растенија и други производи.
Постоечката законска рамка за безбедност на храната, храната за животни и здравствената заштита и благосостојбата на животните обезбедува солидна основа за производство на безбедна и квалитетна храна. Со контроли и годинава покриен е целиот синџир на производство и трговија со храна. Од почетокот на годинава заклучно со ноември спроведени се 43 910 контроли. За утврдените недоследности изречени се 6290 мерки од кои 3919 решенија за отстранување недоследности и 2017 едукации. Поднесени се 47 прекршочни и 19 кривични пријави. Како небезбедна инспекторите поништиле над 15 тони храна, а самите оператори уништиле скоро 23 тони небезбедна храна.
Од увоз, забранет е влез на над 7,4 тони храна, а уништени се скоро исто толкави количини небезбедна храна.
Радува фактот дека од година во година расте свесноста на граѓаните за прашањата поврзани со безбедноста на храната, но и нивната одговорност како потрошувачи. Од почетокот на годинава досега до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ граѓаните поднеле 407 претставки. Постапено е по 381, а 26 се во фаза на постапување. 219 претставки, односно најголемиот дел, се од областа на здравствената заштита и благосостојба на животните, 145 се однесуваат на храната од неживотинско потекло, а 36 се од областа на ветеринарното јавно здравство.
Постапувајќи по поднесените претставки уништени се повеќе од 7,7 тони небезбедна храна (свежо млеко, месо, сладолед, јајца, наполитанки, маслинки, печурки, риби, павлака и др.)
Како институција, годинава ќе ја заокружиме со донесена Стратегија за безбедност на храната и храната за животни за периодот 2021-2025, документ во кој се дефинирани правците за развој на националниот систем за безбедност на храна и храната за животни во наредниот петгодишен период.
Потпишавме меморандум за соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се контроли раекламирањето, телешопингот, и пласирањето производи и спонзорство за храна и додатоци во исхрана во програмите на радијата и телевизиите, особено во поглед на здравствените и нутритивни тврдења, за тврдењата за намалување на ризикот од болести и за измамите поврзани со храната.
Со официјализирање на соработката со Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта – “Македонија пат”, беа дефинирани активностите за пријавување и доставување на трупови од угинати животни на државните патишта на целата територија на земјава, со цел зголемување на нивото на заштита на здравјето на животните и на луѓето и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
ОИЕ го потврди статусот на Република Северна Македонија на земја слободна од болеста чума кај малите преживари (овци и кози).
Агенцијата за храна и ветеринарство го ресертифицираше воведениот Систем за квалитет и во услови на глобална COVID 19 пандемија доби позитивни оценки за функционалноста на документираниот Систем за квалитет, неговата усогласеност со барањата на стандардот за квалитет ISO 9001:2015 и примената во пракса.
Со цел превенирање, елиминирање или редуцирање на прифатливо ниво на ризиците по здравјето на луѓето или животните, Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано работи на едукација и на операторите со храна и на потрошувачите за потребата за обезбедување на соодветни услови за производство, увоз и трговија со храна и храна за животни.
И оваа година АХВ ја интензивираше соработката со домашните и меѓународните институции и организации од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата за животните, како што се Европската агенција за безбедност на храната, Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Светската организација за здравствена заштита на животните ОИЕ и други, со чија соработка реализиравме повеќе проекти.“, изјави Бабовски.
