Денеска во валандовско, во присуство на Претседателот на Владата Зоран Заев, Заменикот на Претседателот на Владата Љупчо Николовски, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, Министерот за здравство, Венко Филипче, заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија Ото Граф, Градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов, како и претставници на “KfW” банката, беше пуштен во употреба новиот, модерен систем за наводнување долж јужната долина на реката Вардар, за наводнување на нови 2.150 хектари земјоделско земјиште. Оваа капитална инвестиција е во износ од 24 милиони евра.
-Без вода, нема конкурентно земјоделско производство! Без модерни системи за наводнување, нема развој на агросекторот! Секоја нова педа земја до која ќе дојде вода, е успех на една Влада!Токму затоа, денешниов ден е од историско значење за државата, за институциите, за општините, а најмногу за земјоделците од овој регион – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и додаде дека денеска одовде, потече вода низ новиoт модерен систем за наводнување, со кој се опфаќа површина од 2.150 хектари на територијата на општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава.
-Со завршувањето на изградбата на оваа капитална инвестиција „Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар“, се овозможи реализација на затворен подземен систем за наводнување кој ќе биде оперативен 365 дена во годината. Ова ќе придонесе за интензивирање на земјоделско производство и зголемување на приносите на земјоделските култури, а крајно ќе влијае на поголем развој на општините и зголемување на вкупната домашна економија. Земјоделците од овој регион, ќе можат да го прошират производството, да воведат нови култури за кои е потребно стабилно наводнување, а тоа од денеска е наша реалност.Вкупната вредност на Програмата надминува 24.000.000 € од кои 30% се обезбедени од Буџетот на МЗШВ и 70% обезбедени во договор со Владата на Сојузна Република Германија, застапувана од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови – рече Хоџа.
Потребата од системи за наводнување е неопходна за подобрување на конкурентноста на земјоделскиот сектор и развој на руралните средини, особено заради се посилното влијание на климатските промени на кои сите сме сведоци. Анализите за влијанието врз земјоделскиот сектор, укажуваат на ограничувања во земјоделското производство поради дефицит на вода. Следствено на сето ова, наводнувањето е од огромно значење за опстанокот на земјоделското производство и агро-биодиверзитетот.
Фактот дека значителен дел од руралното население егзистенцијално зависи од приходите од земјоделството, значи дека руралните заедници се особено ранливи. Затоа, наводнувањето е една од клучните компоненти за развиено и стабилно земјоделско производство, за подобрување на условите за живот и заштита на руралните средини од климатски влијанија.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство континуирано ја зголемува конкурентноста на земјоделскиот сектор. Во целиот тој процес наводнувањето има огромна улога. Во Инвестицискиот план за управување со водите и инфраструктурата за наводнување, предвиден е буџет за рехабилитација и модернизација на постоечката инфраструктура за наводнување, како и поправка на мали брани и резервоари. Изработени се основни проекти за мали системи кои треба да се градат во иднина и за кои е обезбедено финансирање. Сето ова е во насока на зголемување на земјоделските површини, бидејќи за нас, секоја педа обработливо земјиште кое ќе почне да се користи е успех – истакна Хоџа!
Успех е и завршетокот на Програмата за наводнување на јужната долина на реката Вардар и тоа во предвидениот рок и покрај пандемиската криза.
Напишете коментар