Ампелотехничките мерки во текот на вегетацијата опфаќаат уредување на ластарите и конфекционирање на гроздовите на самата лоза. Летната ампелотехника е многу важен дел од технологијата за одгледување на виновата лоза. Целта е да се извршат корекции на резидбата на зрело, постигнување на оптимална рамнотежа меѓу вегетативниот пораст и репродуктивноста, како и уредување и димензионирање на гроздот. Овие мерки имаат директно влијание на квалитетот на грозјето. Со примената на мерките конечно се дефинира приносот и квалитетот на грозјето.
Отстранување на ластари
-отстранување на неродни ластари кога достигнуваат должина од 20 – 30 см.
Филизење
-отстранување на страничните ластари (филизи).
Во последно време сè помалку се обрнува внимание на оваа мерка. Според последните испитувања филизите синтетизираат јаглени хидрати кои го хранат најблискиот грозд. Се препорачува нивно отстранување над гроздовите.
Пинцирање
-прекратување на гроздот со цел да се добие саканата форма и големина. Треба да се избегнува кај сортите кои имаат природно збиени гроздови. Се применува после цветање, кога зрната се со големина на зрно грашок. Прекратување може да биде 1/3 или 1/2 од должината на гроздот.

Употреба на специјална четка
–со помош на оваа четка се отстрануваат 50-60% од цветовите непосредно пред цветање.

Прстенување
–отстранување на кората во вид на прстен од 3-6 мм се до камбиумот, во комплетен круг околу стеблото или ластарите, со помош на специјален нож. Со прстенувањето се прекинува флоемот – ткиво кое ги транспортира шеќерите и другите материи синтетизирани во листот. Така, сите
овие материи се депонираат над местото на прстенување, односно во гроздовите. Прстенувањето влијае на зголемување на зрната, го подобрува обојувањето и го забрзува зреењето. Најдобро е да се примени кога зрната се со дијаметар од 4-6 мм.

Отстранување на гроздови
-неопходна мерка за контрола на приносот кај трпезните сорти. Се изведува веднаш после затворањето на гроздот, односно кога зрната се со дијаметар од 5-7 mm.

Дефолијација
–отстранување на листови во зоната на гроздовите (Слика 6). Со тоа се овозможува подобра аерација, подобро продирање на фунгицидите и гиберелинската киселина. Кога редовите се поставени во правец север – југ, кај шпалирните системи на одгледување, дефолијацијата секогаш
треба да се врши од источната страна.

Употреба на гиберелинска киселина (GA)
–GA е регулатор на растењето при што го стимулира зголемувањето на клетките. Кај сите сорти треба да се аплицира исклучиво на гроздот. Само сортите Султанина и Флејм Сидлес толерираат фолијарна апликација.
Најчесто се применува кај бессемените сорти, но се употребува и кај семените сорти. Концентрацијата и начинот на аплицирање најмногу зависат од сортата и фазата на развој на гроздот.
Се аплицира пред цветање, за време на цветање и после цветање, (димензија на зрно од 2-3 мм или 7-8 мм).
Употребата на гиберелинската киселина, утврдувањето на концентрацијата и моментот на аплицирање во зависност од сортата и приносот е комплексна работа за која треба повеќегодишно искуство. Различните сорти нееднакво реагираат на употребата на гиберелинска киселина.
Нејзината погрешна употреба може негативно да влијае на приносот, посебно кај семените сорти.

Употреба на CPPU
–CPPU претставува синтетички цитокинин кој се употребува во комбинација со GA за зголемување на зрната. Дава одлични резултати во концентрација од 1-3 ppm. Повисоките концентрации негативно влијаат на вкусот и бојата, а го пролонгираат и зреењето.
Употреба на Ethepon
–како препарат се користи за подобрување на бојата кај обоените сорти. Ослободува етилен кој ги забрзува физиолошките процеси. Треба да се употребува внимателно и тоа само кај оние сорти кај кои е веќе тестирано неговото дејство.
Проф. д-р Климе Белески
