Во село Петралинци – Струмичко, се наоѓаат земјоделските површини на компанијата „Агро Кодем“. На 7 ха површина, од кои 2 ха под оранжерии, слика на модерно земјоделско производство, по европски стандарди.
-Агро Кодем е регистрирана во 2010 година за производство на раноградинарски култури. Се занимаваме и со откуп на земјоделси производи, компир, зелка, краставица, пипер и салата. Производството 80% е за европските пазари, Хрватска, Словенија, Австрија и Бугарија -вели сопственикот Костадин Ѓоргиев.

Со Ѓоргиев разговараме за раноградинарското производство, условите кои се пресудни за висок принос и квалитетот на производите, пласманот на доматите и салатите и што е тоа што се бара на странските пазари.

-За висок принос и квалитетен производ најважно е да се има добри објекти – оранжерии што ќе ги исполнат сите услови за производство. Висината на објектот да биде барем 7 метри, со автоматски екрани за заштита на ултравиолетови зраци. Системи за одржување влажност на воздухот, ладење за летен период и греење за зимно време. Создавањето на оптималните услови за раст и развој, покрај квалитетно семе и извршување на сите агротехнички мерки, е клучно за висок и квалитетен род каков што бара пребирливиот европски пазар – вели Ѓоргиев.



Според ова што може да се види во Агро Кодем, се работи за висока професионалност но и голема или скапа инвестиција.
-Ништо не е скапо ако се работи професионално, вели Ѓоргиев и додава дека само ако се вложува во производството, ако се инвестира во нова технологија може да се произведе квалитет кој ги исполнува строгите европски стандарди. Интересно е тоа што салатите и доматите се органско производство.

-Во овој период имаме салати, а се подготвуваме со расад за домати. Од февруари почнуваме со расадување на домати. Салатата што ја произведуваме е 100% био, не користиме никакви препарати за заштита ниту ѓубрива, а доматите ги заштитуваме со биолошка заштита, со предатори.
Проблем со пласамнот немаат, а задоволни се и од цената која ја постигнуваат.

-Салатат се продава околу 30 денари од парче. Годишно произведуваме од 300.000 до 400.000 салати и 300 тона домати. Во иднина планираме нови инвестиции и да го зголемиме производството.


Разговорот го заокружуваме со општата состојба во македонскиот аграр за која Ѓоргиев вели дека не е добра, не чека многу работа доколку сакаме да има развој македонскиот аграр.
-Во овие услови во кои работат нашите земјоделци, не можат да извадат ниту за трошоците. Потребна е едукација, примена на нови технологии, следење на европските трендови. Вина има и кај земјоделците и кај трговците. Јас работам и производство и трговија и точно ја знам состојбата. Но со добра организираност и заедничко делување може да се постигнат резултати – заклучува Ѓоргиев.




