Во последните години, социјалните мрежит се преплавени со мода и блогови за шминка, но една млада жена од Загреб, Наоми Бош, реши да ги искористи социјалните мрежи за нешто сосема друго. Загрижена поради увозот на храна во Хрватса која всушност може да се произведе во државата, 22-годишната девојка која студира агрономија во Германија, започна уникатен агро-блог. Наоми Бош, првиот агро-блогер во оваа област, ја раскажа својата приказна.
Таа потенцира дека сегашната криза со корона вирусот нè предупредува дека е опасно државата да се фокусира само на туризмот и ја истакна важноста на производството на сопствена храна. Таа исто така потсети на важноста за еко-производството како неизбежен дел од иднината на земјоделството, но исто така предупреди за загрижувачкиот факт дека секоја година светот губи околу 24 милијарди тони плодна почва преку ерозијата на почвата.

Наоми како иден земјоделски инженер смета дека треба да се воспостави одржлив баланс помеѓу исхраната на растенијата и животните. На пример, вели таа, ако секој жител во светот јаде онолку месо колку што јаде просечниот Европеец, ќе ни требаат, две планети со големина на Земјата за да се нахранат сите. „Пораснав во Загреб и како градско дете, немав многу заедничко со земјоделството. И покрај тоа, уште од најраното детство бев голем љубител на природата, научив многу од моите родители, кои го искористија животот во предградието на големиот град за да останат поврзани со природата. Како што растев, почнав буквално да ја „голтам” литературата за одгледување на растенија, одгледување зеленчук и одгледување овошје. Повторно водена од голема љубов кон природата и биологијата, го одбрав мојот животен пат. Одлучив да ја проучувам агрономијата“, вели таа.
Наоми, пред три години заминала во Германија, каде што студира. Наместо на море, таа своите годишни одмори ги минува работејќи на фармите. „Во професијата што ја одбрав, практиката ја сметам за исклучително важна и за да се стекнам со што поголемо знаење, решив да ги поминувам празниците на фармите наместо на море.“, вели оваа млада девојка, од која нејзините врсници, но и многу постари би можеле да научат многу.
Иако ужива во секоја минута помината дружејќи се со природата, таа е загрижена, за неодговорниот став на луѓето кон околината, затоа што со уништување на природата, ние буквално ја отсекуваме гранката на која седиме.„Природата е дар од Бога за човекот и треба да се грижиме за неа со внимание и достоинство“,вели Наоми.

Токму поради сето ова таа започнала да води оригинален агро-блог. „Со цел да ја истакнам важноста на грижата за околината, почнав да раскажувам прекрасни, топли приказни од фармите што ги посетив и да ги инспирирам луѓето да се вратат во рамнотежа со природата од која сме дел и од која зависи нашата иднина. Го започнав мојот блог „plantiful lands“ минатата година, што во превод значи „изобилство, богата земја“. Засега, содржината е достапна на англиски и германски јазик.. Бројот на посетители полека расте, и јас сум среќна што можам да напишам дека сакам да продолжам со мојот проект во иднина “, вели младата агро-блогерка.
Покрај за земјоделството и за животната средина, Наоми пишува и за тоа како принципите на природата можат да се применат во нашите животи и како одржливоста на нашиот свет би можела да изгледа во еколошки, економски, духовен и социјален поглед. “Од самиот почеток, реакциите на мојот блог и на моите страници на Инстаграм и Фејсбук беа многу позитивни. Сè повеќе луѓе се заинтересирани за темите со кои се занимавам. Тие сакаат да знаат од каде потекнува храната што завршува на нивната маса“.
На почетокот на студиите, Наоми имала многу критички став кон органското земјоделство, пред се заради проблемите со кои се соочува оваа форма на земјоделско производство, но со тек на времето, го променила својот сатв и сега ја гледа иднината во органското земјоделство. “Не постои совршен систем па така и органското земјоделство се соочува со разни проблеми и токму затоа имав прилично критички став кон него. Но, читајќи, набудувајќи и учејќи, заклучив дека ако сакаме идните генерации да живеат здрав живот, тоа органско земјоделство во иднина ќе игра клучна улога во исхраната на целиот свет “, вели блогерката.
Дајте им ја на земјоделците и на природата, важноста што ја заслужуваат!
Според оваа студентка по агрономија, здравото земјоделство е неопходно за опстанок на државите и целата планета и затоа, на земјоделските производители конечно треба да им се даде важноста што им припаѓа. „Мислам дека изгубивме почит, не само за природата, туку и за земјоделците. Ова го гледам особено во Германија, каде честопати се создава нетолеранција и недоверба кон земјоделците, наместо многу потребната меѓусебна почит меѓу производителите и потрошувачите“, вели таа.

Покрај органското земјоделство, таа е голем поддржувач на локалното производство на храна. Таа верува дека поддршката на локалните производители на храна е клучна за одржливоста на земјоделството.
Според неа иднината на земјоделството лежи токму во малите семејни фарми, затоа што само таквата форма на земјоделско производство овозможува долгорочно зачувување на природата. „Малите производители можат да бидат многу профитабилни, под услов да се обединат, да понудат високо квалитетен производ, а луѓето да купуваат домашни производи. Малите семејни фарми кои се вклучени во органското производство можат да имаат корист од заедничкото користење на машините и заедно да ги рекламираат своите производи. Работејќи на мала фарма за овци во северо-источна Германија, се уверив дека висококвалитетните производи навистина привлекуваат клиенти и дека фармата не мора да биде голема за да преживее, а за ова напишав на мојот блог“
Потенцира и тоа дека важен предуслов за опстанок на малите земјоделски производители е развојот на органското, локалното земјоделство што може совршено да се комбинира со агротуризмот. Иако таа е веќе три години во Германија, најважното место во срцето на оваа млада девојка сепак припаѓа во Хрватска. „Јас не сум Хрватка по потекло, но досега поминав прекрасно детство во Хрватска и поголемиот дел од животот. Доколку добијам шанса, би сакала да се вратам во Хрватска еден ден. Потоа, секако, би сакала да имам свој блог, со актуелни текстови и статии на германски јазик и на англиски јазик, збогатен со материјали и на хрватски јазик “, вели Наоми Бош за крај.
Извор :Агроклуб
