Србија на почетокот на септември пријавила 40 случаи на Африканска свинска чума кај домашни и диви свињи преку системот за известување за болести ADIS на Европската Унија.
Од вкупниот број, 28 случаи се забележени во домашните свињарски фарми во областите Борски (Мајданпек), Браничевски (Мало Црниче), Јабланичко (Црна Трава), Јужно-Банатски (Ковин), Нишавски (Ражањ), Пчињски (Босилеград), Подунавски (Смедеревска Паланка) и Поморавски округ (Деспотовац). 12 диви свињи се пријавени во областите Јужно-Банатски (Ковин и Бела Црква), Нишавски (Гаџин Хан), Пчињски (Сурдулица и Босилеград) и Зајечарски округ (Зајечар).
Од почетокот на годината, во Србија се пријавени 77 случаи на Африканска свинска чума кај домашните грла, каде што Србија е на второ место во Европа, веднаш по Романија, која има 214 пријавени случаи. Оваа болест кај дивите свињи во Србија се јавила кај 89 единки, пренесува Агроклуб.рс.