Градоначалникот на Општина Илинден, м-р. Александар Георгиевски оствари работна средба со деканот на Замјоделски факултет проф. др. Миле Маркоски. На средбата се разговараше за Извештајот од извршените анализи на почвени проби кои што се земаа од неколку локации на територија на општината, во насока на поддршка и развој на земјоделството, се наведува во соопштението од Општина Илинден, што МИА го пренесува интегрално.
Агрохемиските испитувања ги реализираше акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Со овие анализи земјоделците добиваат навремени и стручни информации за состојбата на почвата, што им овозможува поефикасно и поекономично користење на ѓубрива, подобрување на приносите и квалитетот на производите, како и намалување на негативното влијание врз животната средина.
На состанокот беа разгледани повеќе аспекти поврзани со процесот на пошумување, вклучително и изборот на соодветни садници, проценката на состојбата на теренот, мерките за заштита од ерозија, како и долгорочните активности потребни за успешно обновување на шумскиот фонд.
Деканот даде стручно мислење и препораки за понатамошните активности, при што ја нагласи важноста од научно заснован пристап, користење соодветни автохтони видови и спроведување мерки што ќе обезбедат одржлива и квалитетна обнова на опожарените подрачја.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека локалната самоуправа останува посветена на заштитата и унапредувањето на животната средина и дека сите идни активности ќе се реализираат во координација со стручната јавност и релевантните институции.
Активноста претставува дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден за периодот 2022–2026 година и ќе продолжи да се реализира и во иднина, со цел да се опфатат поголем број земјоделски површини и да се обезбедат попрецизни податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.
Резултатите од извршените анализи се достапни за јавноста и можат да се најдат на официјалната интернет-страница на Општина Илинден.
МИА
