Една од позначајните мерки на Владата е можноста за добивање на неповратни 10 000 евра за започнување на семеен агробизнис, ова неодамна го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
-Воведуваме поддршка за старт – ап семејни винарии и фарми. Преку оваа програма отвараме можност за добивање на грантови од 10 000 евра, за опрема за преработка и маркетинг на вино, растителни, месни и млечни производи. Од оваа сума апликантите ќе можат да искористат 1000 евра за експерти кои можат да помогнат во производството – изјави Димковски.
За да можат земјоделците да ги користат овие средства ќе треба да се регистрираат согласно еден од трите правилници – правилник за мали винарии во МЗШВ и правилниците за флексибилност за производи од животинско и растително потекло во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Грантовите освен за вино, млеко и месо наменети се и за производство на нетрадиционални производи како што се – ароматични, лековите и зачински билки.
За оваа мерка предвидени се вкупно 3 милиони евра од МЗШВ. Со овие грантови им овозможуваме на малите семејни бизниси да придонесат во земјоделскиот сектор и стопанството – изјави Димковски.
Попрецизните услови за апликација за грантот од 10 000 евра ќе бидат дополнително објавени од страна на МЗШВ.

Во продолжение еден од условите – Правилникот за флексибилност на барањата за хигиена кај производите од неживотинско потекло
Одредбите од овој правилник се применуваат на производството и ставањето во промет на: преработки од овошје, зеленчук и печурки, зачини и чаеви, жита и преработки од жита и пекарски производи, кондиторски производи, жестоки алкохолни пијалоци, пиво, вино и безалкохолни пијалоци.
Производството и ставањето во промет на производи од неживотинско потекло од страна на малите бизниси се врши како:
- директно снабдување до крајниот потрошувач на мали количества преработени производи од неживотинско потекло и
- производство на производи со традиционални карактеристики произведени со традиционални методи за производство.
Лицата кои работат во горенаведените производства потребно е да се со добра здравствена состојба, да имаат основни знаења за хигиена на храна и да водат евиденција на количествата на набавените и потрошените суровини и произведените производи.
УСЛОВИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНУВА ОБЈЕКТОТ ЗА ПРОИЗВОДСТВО
Во примарното производство и во објектот за производство и преработка на мали количества на производи за директно снабдување до крајниот потрошувач, за да се врши производство на производите од член 3 од овој правилник потребно е да се исполнат следните барања:
1) да е одвоен дел од станбениот простор и да не се користи за други цели на домаќинството;
2) активностите во станбениот дел и влијанијата од надворешната средина на домаќинството да не ги загрозуваат хигиенските услови и безбедноста на производите;
3) материјалите од кои се направени таваните и ѕидовите може да не се мазни, но треба да се водоотпорни, неапсорбирачки и нерѓосувачки;
4) подните површини треба да бидат од цврст материјал и лесни за чистење и дезинфекција;
5) различните подготвителни производни процеси како подготовка на основната суровина, подготовка на помошните суровини, подготовка на амбалажа, преработка и пакување може да се одвиваат во истиот простор доколку бидат временски одвоени;
6) суровините и додатоците кои се користат во производство потребно е да бидат набавени од регистрирани или одобрени производители/добавувачи;
7) водата која се користи во објектот треба да ги исполнува барањата пропишани во Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење;
8) во просторијата за подготовка и преработка или во непосредна околина да има најмалку еден повеќенаменски мијалник;
9) да е обезбедена соодветна опрема за разните производни постапки изработена од нетоксичен и некородирачки материјал, лесна за чистење и дезинфекција;
10) садовите и опремата соодветно да се чистат, дезинфицираат и складираат во производниот простор;
11) да се користи санитарниот чвор во состав на станбениот простор;
12) гардеробата да биде надвор од објектот, ако е во непосредна близина;
13) суровините и преработените производи да се чуваат во иста просторија доколку се физички соодветно одделени во зависност од карактерот на готовиот производ;
14) просторијата за складирање и чување на производот во зависност од процесот на производство и видот на производот да биде на различна локација од просторијата за производство;
15) во објектот да се преземаат мерки за спречување или намалување на ризикот од контаминација;
16) за време на работата треба да се применат соодветни постапки на добра производна и добра хигиенска пракса со цел да се спречи вкрстена контаминација; и
17) за време на транспортот на производите, да се одржуваат соодветни хигиенски и температурни услови
Производителите, на пакувањето на преработениот производ од неживотинско потекло треба да ги наведат следните информации:
- име и адреса на производителот;
- датум на производство;
- име и вид на производот;
- услови за чување;
- состав на производ и
- рок на употреба на производот.
Произведувачот за да се овозможи следливост на набавените суровини, основни и помошни и дистрибуцијата на готовиот производ треба да ги евидентира податоците за датумот на производство, видовите на производи, количества на преработени основни и помошни суровини и количества на добиени производи по вид на производ согласно член 32 од Законот за безбедност на храната.
Во објектите кои произведуваат храна со традиционални карактеристики со примена на традиционални методи за производство треба:
- да се употребува опрема и помошна опрема и садови во процесот на подготовка на производите кои се од материјал кој се користи во традиционалното производство како соодветни и автентични;
- да се врши ферментација на производите во простории од дрво, камен, бетон и/или на отворен простор во зависност од спецификите на средината неопходна за развој на дел од нивните карактеристики;
- да се изложуваат производите на потребните соодветни атмосферски влијанија доколку е обезбедена заштита од контаминација на производот; и
- суровините кои се користат во производство да бидат набавени од регистрирани или одобрени производители/добавувачи.

Правилниците на АХВ за производи од животинско потекло, кои се услов за да може да аплицирате за грантот од 10 000 евра кој го најави Владата, ги имате едноставно објаснети во рубрика СТОЧАРСКО ПРОИЗВОДСТВО.
Имате време да се регистрирате и да го очекувате повикот подготвени за апликација.

Kade treba da se obratime za da podademe