Земјоделците од штипско-карбинскиот регион за 15 дена треба да ја почнат жетвата на јачменот. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Серафимов вели дека се уште не знаат по која цена ќе ги продаваат јачменот и пченицата, а сушата веќе го преполови родот во делови од Источна Македонија.
Посочува дека ќе бараат откупната цена на лебното зрно-пченицата и на јачменот да не биде под 16 денари за килограм, бидејќи како што вели производителите годинава се ставени под дополнителен притисок поради обврската да предадат дел од родот.
-Жетвата е веќе на прагот, дури на некој места има и стасани жита за жетва, а ние се уште немаме никакви состаноци со министерството и со откупувачите за цената. Ние како асоцијација ќе бараме цената да не биде помала од 16 денари, ќе видиме како тоа ќе го прифатат откупувачите, затоа што оваа година сме условени а продаваме и 30% од родот и тука може тие со тоа да уште повеќе да сакаат да ја намалат цената, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите-изјави Серафимов.
Тој додава дека во југоисточниот и источниот дел на Македонија веќе три месеци нема дождови и токму поради тоа приносите на житните култури ќе бидат многу помали. Нековите пресметки се дека во овие два региони приносот на пченицата нема да биде повеќе од 250 до 300 килограми или два и пол тони по хектар.
МИА
