Селото Вешала, сместено во рамките нa Национален Парк Шар Планина е препознатливо по долгата традиција на производство на висококвалитетен мед. Голем дел од жителите се занимаваат со пчеларство, а медот произведен во овој планински предел е високо ценет и баран на пазарот. За локалното население, пчеларството не е само професија, туку и начин на живот, поврзан со природата, одржливиот развој и зачувувањето на биодиверзитетот.
При една од нашите теренски посети го запознавме пчеларот Muhamet Jashari, кој ја сподели својата инспиративна животна приказна. Со пчеларството започнала неговата мајка уште во 1966 година, а тој активно ја продолжил семејната традиција во 1984 година. „Уште како дете уживав да ѝ помагам на мајка ми. Со текот на времето пчелите станаа мојата главна егзистенција. Работев и други работи, најмногу во градежништвото, но сфатив дека можам да живеам пристојно, а истовремено да уживам во природата,“ вели г. Јашари.

Неговата приказна денес претставува инспирација за многу млади луѓе кои размислуваат за враќање кон природата и за развој на одржливи локални бизниси. Во време кога сè повеќе луѓе ги напуштаат руралните средини, пчеларството во Вешала дава надеж дека традицијата, природата и економскиот развој можат да одат заедно. Денес тој поседува околу 120 пчелни сандаци. Сепак, климатските промени сè повеќе влијаат врз производството.
„Пчелите се многу чувствителни, особено во периодот на собирање на медот. Доколку временските услови не се поволни, приносот значително се намалува,“ објаснува тој.

Благодарение на квалитетот на медот, пласманот е стабилен и сигурен. Производите на г. Јашари се добро познати меѓу потрошувачите, а голем број купувачи го контактираат и преку социјалните мрежи. Особено значајно е што своето долгогодишно искуство и знаење несебично го споделува со помладите пчелари од селото. Како еден од најискусните пчелари во Вешала, тој постојано им помага на локалните производители, советувајќи ги како правилно да се грижат за пчелите и како да обезбедат подобар принос и квалитетен мед.
Во моментов, во Вешала активно работат девет поголеми производители на мед.

Со сигурност може да се каже дека пчеларите од ова село се вистински чувари на биодиверзитетот на Шар Планина. Нивната работа претставува пример за одржлив развој, почитување на природата и надеж дека традиционалните вредности и локалното знаење можат да создадат подобра иднина за заедницата и младите генерации.
