Нови возила кои ќе се користат за одржување на туристичката инфраструктура ќе се набават за потребите на Дојран, преку Повикот за финансирање за намалување на регионалните диспаритети и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, денеска го потпиша договорот за подобрување на јавните комунални услуги и одржување на туристичката инфраструктура во Општината преку набавка на современа механизација.
Во објавата на градоначалникот е наведено дека преку проектот со Министерството за локална самоуправа ќе се набават трактор со кабина, телескопски хидроуличен мулчер, мулчер со кардан и мини багер. Со оваа механизација општинските власти меѓу другото ќе го одржуваат и уредуваат крајбрежјето на Езерото.
– Преку овие инвестиции, продолжуваме посветено да ја унапредуваме инфраструктурата , со побезбедни улици и патишта, поуредени јавни површини, подобра пристапност и поквалитетно секојдневие за сите граѓани, вели Тентов во објавата.
Министерството за локална самоуправа веќе објави дека од страна на ресорниот министер Златко Перински, се потпишани договорите за финансирање на 31 проект за намалување на регионалните диспаритети и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, со вкупна вредност од 74.147.029 денари.
МИА
