Врз основа на член 33 став (6) од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/10, 53/11, 126/12, 15/13, 69/13, 106/13, 177/14, 25/15, 73/15, 83/15, 154/15, 11/16, 53/16 и 120/16), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе
ПРАВИЛНИК ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА БАРАЊЕТО ЗА ЗАПИШУВАЊЕ ВО РЕГИСТАРОТ НА ОТКУПУВАЧИ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ, КАКО И ПОТРЕБНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ИСПОЛНЕТОСТА НА УСЛОВИТЕ ЗА ОТКУП НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата и содржината на барањето за запишување во регистарот на откупувачи на земјоделски производи, како и потребната придружна документација за утврдување на исполнетоста на условите за откуп на земјоделски производи.
Член 2
Барањето за запишување во регистарот на откупувачи на земјоделски производи се издава на хартија во бела боја во А-4 формат и содржи три листа. Формата и содржината на барањето од став 1 на овој член се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
За запишување во регистарот на откупувачи на земјоделски производи и заради утврдување на исполнетоста на условите за откуп на земјоделски производи кон барањето од член 2 на овој правилник се поднесува следната потребна документација:
1.Документи за тековната состојба и потврда дека не е отворена постапка за ликвидација или стечајна постапка од Централен Регистар на Република Македонија;
2.Решение за регистрирање во Регистарот на објекти и оператори со храна издадено од Агенција за храна и ветеринарство доколку е регистриран за вршење на соодветна дејност преработка на земјоделски производи, односно колење на жив добиток;
3.Решение за упис во регистарот на производители на вино од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доколку е преработувач на винско грозје;
4.Потврда за упис на производни капацитети на земјоделско стопанство согласно претходен упис на капацитети во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со статус на капацитети кој одговара на фактичката состојба, доколку е регистриран за одгледување на жив добиток.
5.Потврда од Агенција за вработување или образец М1/М2 за вработени лица во редовен работен однос на неопределено работно време;
6.Склучени договори за трговија на големо за понатамошна продажба на планираните количини за откуп, доколку откупот го вршат правни лица кои се регистрирани за вршење трговија со земјоделски производи;
7.Записник од Државен инспекторат за земјоделство за докажување на условот дека откупувачот располага со соодветни објекти и опрема согласно Правилникот за поблиските услови кои треба да ги исполнуваат откупувачите на земјоделски производи и поблиските услови кои треба да ги исполнуваат откупните места на земјоделски производи по претходно поднесено барање;
8.Одобрение од надлежниот орган на општината и општините на градот Скопје за локацијата на која ќе се врши откуп на мобилни откупни места за периодот за кој се планира откупот на земјоделските производи доколку откупот се врши на јавна површина или Одобрение за собирен центар за жив добиток издадено од Агенција за храна и ветеринарство;
9.Заверена пријава за исполнување на минимално техничките услови за вршење на трговија и за почнување со работа на продажен или друг деловен објект од Државниот пазарен инспекторат, доколку откупот на земјоделските производи се врши на постојано откупно место и
10.Документ за расположливи финансиски средства и намирени обврски за откуп на земјоделски производи и тоа:
-писмо на интерес од деловна банка за докажување на расположливи финансиски средства за откуп за тековната година или
-информација за економско финансиска состојба издадена од Централен Регистар на Република Македонија или -ревизорски извештај од независна ревизорска куќа доколку има законска обврска за работењето во претходната година.
Документацијата од став 1 точки 3 и 4 од овој член ја прибавува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по службена должност од сопствената евиденција. Документацијата од став 1 точки 1 и 5 од овој член ја прибавува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по службена должност.
https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/legislativa-mzsv-file-PUxt.pdf
https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/legislativa-mzsv-file-0WBG.pdf
