На секој пчелар му е многу важно неговите пчели да бидат здрави и силни, а за тоа покрај храната, треба да им се обезбеди и свежа вода за пиење, најчесто од некоја поилка. Покрај тоа што водата се користи за ладење, со неа се регулира и температурата на кошницата, се растопува кристализираниот мед и секако водата е потребна за одржување на леглото.
Поилката треба да се постави уште на почетокот на пролетта, кога пчелите стануваат активни.
Хигиената на поилките е најважна за здравјето на пчелите
Како што ги миете чашите после пиењето од нив, исто така е неопходно да ги исчистите поилките на пчелите. Често пати може да се случи пчеларот да заборави да ја промени водата и да се акумулираат алги на рабовите на поилката. Во тој случај треба добро да се измие и да се стави чиста вода. Исто така е важно често да се менува водата, затоа што покрај пчелите, до неа доаѓаат разни други инсекти, особено комарците кога времето е жешко и ако видат дека водата е стоена, во неа ќе положат јајца.

Ако ги поставите поилките на време, пчелите ќе се навикнат на постојан извор на чиста вода и ќе почнат редовно да ги посетуваат. Понекогаш се случува да не ја забележат поилката и во тој случај додадете малку разреден мед, шеќер или шеќерен сируп во неа за да ги привлечете.
Веднаш штом ќе забележите дека пчелите се навикнале, престанете со додавање на мед и оставете им само вода, затоа што во спротивно ќе се навикнат и на мед во таков облик и ќе го внесуваат и него во кошницата па ќе го мешаат со природниот.
Како да направите поилка?
Постојат различни видови хигиенски поилки, но најчесто тие се прават во домашни услови од тегли, кофи или конзерви.
Наједноставниот начин да направите поилка во која ќе можете често да ја менувате водата, е да ставите вода во голем сад, и во средината да ставите поголем камен или тула каде што прво ќе слета пчелата. Во спротивно директно ќе слета во водата, ќе ги навлажни крилјата и може да се удави.
Друг начин е да користите канта од боја, која има здебелен раб, со комори и да направите мали дупки од внатрешната страна. Потоа наполнете ја кофата со вода и затворете ја цврсто со капакот. Превртете ја и поставете ја на стабилно постоље направено од тули, блокови, итн. Како што пијат пчелите, така ќе доаѓа нова вода.
Цврсто и подвижно
Но, ако сакате нешто поквалитетно, подобро и подвижно, м-р инж. агр. Давор Брешак опишува како да се направи поилка од тегли. За неа е потребна и конструкција на која ќе можете да поставите повеќе тегли. Можете да ја направите од стара автомобилска гума што ќе ја наполните со бетон и железна цевка со потпори.
Теглите се полнат со вода и се покриваат со крпа од подебела ткаенина (без капак), се превртуваат наопаку и се ставаат во веќе направени потпори. Површинскиот притисок спречува водата да истече од теглата, а на пчелите им овозможува непречен пристап, па тие можат непречено да ја пијат или да ја собираат водата. Исто така оваа поилка можете без проблем да ја пренесувате на други места според потребите.
Сите оние кои не се за принципот „Направи сам“, секогаш можат да купат поилка во продавница.
Бидејќи пчелите се многу важни инсекти за нашиот еко систем, секој од нас во својот двор или балкон може да им обезбеди на овие вредни животни извор на вода.
Извор: Агроклуб
