Дваесет камили се дисквалификувани од натпревар за убавина во Оман откако ветеринарните прегледи откриле дека животните биле подложени на козметички процедури, вклучувајќи ботокс и филери.
Скандалот се случил на Фестивалот за убавина на камили 2026 во Ал Мусана, еден од најпрестижните регионални настани за одгледување и изложување камили, пишува Дексерто, пренесува Index.hr.
Организаторите потврдиле дека камилите биле исфрлени од натпреварот бидејќи инспекторите пронашле докази за инјекции со ботокс, дермални филери, силикони и употреба на хормонски третмани. Во соопштението, велат дека се посветени на борбата против „сите форми на измама и разубавување на камили со нелегални средства“ и најавиле строги казни за оние што ги кршат правилата.
На натпреварите за убавина на камили, судиите оценуваат четири главни категории: крзно, врат, глава и грпка. Се бара сјајно и дефинирано крзно, долги и широки вратови, големи глави со спуштени усни и темни трепки и добро обликувана грпка со цврст став.
Ветеринарните инспектори откриле дека дисквалификуваните камили биле подложени на процедури токму за подобрување на тие карактеристики. Меѓу откриените методи се инјекции со хијалуронска киселина за зголемување на усните, филери и силикон за преобликување на носот, ботокс за опуштање на мускулите на лицето, силиконски восок за промена на изгледот на грпките и хормони за поттикнување на дефиницијата на мускулите.
Влоговите во ваквите натпревари се многу високи низ целиот регион на Заливот. Победничките камили им носат на своите сопственици престиж, значајна вредност за одгледување и големи парични награди. Наградните фондови на најголемите фестивали можат да достигнат десетици милиони долари, ставајќи огромен притисок врз одгледувачите да ги направат своите животни да изгледаат совршено.
Дисквалификациите во Оман не се прв ваков случај. На Фестивалот на камили „Крал Абдулазиз“ во Саудиска Арабија во 2018 година, неколку камили биле исфрлени поради употреба на филери и ботокс. Три години подоцна, во 2021 година, повеќе од 40 камили биле отстранети од истиот фестивал откако службени лица откриле уште поширок спектар на нелегални методи, вклучувајќи хормонски третмани и техники на вештачко надувување на ткивото.
Ветеринарните експерти предупредуваат дека козметичките процедури можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Пријавените компликации вклучуваат инфекција, оток, оштетување на ткивото и хронично воспаление, особено кога процедурите се изведуваат без стручен медицински надзор.
Употребата на ботокс може да влијае на мускулите на лицето кои се клучни за хранење и пиење, додека филерите и силиконите можат да мигрираат и да предизвикаат долгорочни воспалителни процеси. Хормонските третмани ја нарушуваат природната физиологија на животното и можат да доведат до неплодност, промени во однесувањето и ендокрини нарушувања.
Дисвалификуваните камили биле вратени на нивните сопственици, а организаторите повториле дека на идните натпревари ќе се оценува само природниот изглед на животните.
извор: N1
