Патогената габа Phytophtora inferstans е причинител на пламеницата на компирот и доматот и представува најопасен паразит за овие култури. Во наши услови се јавува секоја година, во зависност од метеoролошките услови и мерките кои се превземаат за сузбивање. Производството на овие култури без успешна заштита е невозможно, поради тоа што во одделени години штетите може да бидат многу големи, па дури и катастрофални. Прашањето за прогнозата на ова заболување кај компирот и доматот е од големо практично значење, поради што потребно е многу добро да се организира служба за прогноза за поуспешна работа, и пратење на метеоролошките податоци, како што се температурата, средно дневната, минималната и максималната, врнежите и ралативната влажност на воздухот.
Пламеницата се јавува кога релативната влажност на воздухот е над 90%, а температурата на воздухот е од 18-23 C2.
Пламеницата на компирот се јавува по листовите, лисните дршки, стеблото и кртолите. На листовите се развиваат жолто-зелени или темно-зелени дамки, кои брзо преминуваат во темно-кафеава боја. На рабовите на дамките, односно на преминот помеѓу здравиот и болниот дел, на долната страна на листот, се развива бела навлака од спороносните органи на паразитот. Белата навлака најдобро се гледа во влажни услови или рано наутро. На кртолите болеста се препознава по оловно-сивите малку вдлабнати дамки. Дамките кај кртолите имаат црвеникава до смеѓа боја.

Болеста се пренесува со заразени кртоли. На заразените растенија се формираат многубројни спороносни органи кои ја пренесуваат болеста од растение на растение, со помош на ветрот или дождовните капки. Првите жаришта се јавуваат на парцелите со рани сорти на компири.
За третирање на површините се препорачуваат повеќе препарати кои се доста ефикасни против пламеницата кај компирот и доматот како што се: Acrobat MZ, Ridomil bakar. Ridomil plus, Ridomil MZ 72-WP, Galben C, Galben M, Kocide, Blauvit, Champion WP, Bakrocid 50. Kupragin, Mankogal и др.
Советник по поледелство: Ранкица Божиноска.
