Не е за изненадување дека високите температури влијаат и на менталното здравје. Повеќето од нас не се чувствуваат најдобро кога надвор е претопло, и за тоа постои причина. Имено, психолошките реакции на топлината, можат да варираат од стрес до клинички нарушувања.
Високите температури претставуваат посебен предизвик за луѓето со ментални нарушувања, бидејќи симптомите се влошуваат – нерасположението и анксиозноста растат со зголемувањето на топлотниот бран. Исто така, во светски рамки, забележано е и зголемување на бројот на психијатриски хоспитализации за време на периодот на екстремни горештини.
Високите температури имаат комплексен и значаен ефект врз менталното здравје. Може да влијаат врз психолошката стабилност, когнитивните функции, емоционалната регулација и општата добросостојба на поединецот.
Според некои студии, високите температури можат да го активираат симпатичкиот нервен систем – истиот систем што се активира и при анксиозност. Резултатот на тоа е телесна реакција што изгледа како паника, дури и лицето кога не е вознемирено психолошки.
Како да се заштитиме?
Психотерапевтот Хаџиванова советува дека во услови на жештини, за да го заштитиме менталното здравје, потребно е да останеме разладени, хидрирани и психолошки стабилни.
– Престој во климатизирани простории, заштита под сенки и покриени надворешни простори, туширање со млака вода и избегнување движење на директно сонце и физички напор во најтоплите часови се едноставни, но ефективни мерки, вели таа.
Ја препорачува и редовната хидратација, која е клучна за психофизичка рамнотежа, а во однос на исхраната, во услови на жештини, треба да се конзумира лесна и нутритивно балансирана исхрана богата со свежо овошје, зеленчук и храна со витамини и минерали што исто придонесува за подобра хидратација, енергетска рамнотежа и психолошка стабилност.
– Доколку се појават симптоми како раздразливост, немир или влошено расположение, важно е да се забави со темпото и, ако е потребно, да се побара стручна поддршка. Лицата кои земаат психофармаколошка терапија треба да се консултираат со доктор психијатар за евентуални прилагодувања, доколку почувствуваат промени во својот психолошки статус, истакнува таа во разговорот за МИА.
Потенцира дека од особена важност при високи температури е да обрнеме внимание и на секојдневните навики.
– Лесна, широка и светла облека може да ја штити кожата и да помогне телото полесно да се разлади и да го намали непријатното чувство. Намалување на консумацијата на кофеин и алкохол исто така може да придонесе за подобра хидратација и емоционална стабилност, вели таа.
Потенцира дека е добро е да се задржи стабилна дневна рутина со доволно време за одмор, релаксација и социјална поддршка, а доколку постои можност, престој во природа, на места со чист воздух и пријатна температура, дури и на кратко, може значително да придонесе за обновување на менталната енергија.
– Техниките за релаксација и свесна присутност можат да помогнат во управување со стресот, поголема толеранција и прифаќање. Потребно е внимателно следење на промените во физичкото и менталното здравје за време на екстремни температури и навремено реагирање. Временските услови не се во наша контрола, но во наша контрола ни е грижата за себе, навиките и однесувањето, кои свесно треба да бидат во насока на заштита, заклучува Хаџиванова во разговорот за МИА.
Од УХМР најавија дека под влијание на топла воздушна маса од југ, следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува од утре, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30, на повеќе места ќе надминува 35, а наместа ќе биде и над 40 степени.
МИА
