За моменталната состојба со системите за наводнување, плановите на Владата за инвестирање во овој сектор како и за можноста од воведување на посебна мерка за поддршка за бушотини и други алтернатвни извори за наводнување, разговараме со првиот човек на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
АГРОТИМ: Со оглед дека денешната тема на Агротим е НАВОДНУВАЊЕТО, Ве молам за ваш став во врска со оваа важно прашање. Речиси секоја година земјоделците реагираат на проблеми со наводнувањето, застарени системи, недоволно вода до нивите…какви се плановите на Владата за подобрување на состојбата?
ТРИПУНОВСКИ: Ви благодарам прво за одвоениот медиумски простор и да ви одговорам на првото прашање. Да, секако дека наводнувањето е клучната алка во целиот земјоделски систем и реално откако станав министер се соочив со многу проблеми, недостатоци и запоставени системи за наводнување, канали, нефункционирање на браните, недоволни количини на вода за наводнување…
Ја разбирам реакцијата на земјоделците, секако ним им се потребни доволни количини на вода и ние во овој период работиме интензивно на изнаоѓање на решенија за надминување на предизвиците во наводнувањето.
Би сакал да ја потенцирам и посветеноста и поддршката на Владата на Република Македонија која ја препознава важноста на наводнувањето како клучен фактор за развој на земјоделството. Постојано сум на терен, правиме нови планови и стратегии за да ги исполниме барањата на земјоделците од сите региони на земјата, во овој период се подготвуваат и програмите за наредната 2025 година. Во оваа насока, тековно се спроведуваат активности за модернизација и рехабилитација на постојните системи за наводнување, и тоа:
- Реконструкција на застарените системи за наводнување за да се обезбеди поефикасна дистрибуција на водата.
- Инвестиции во нови современи технологии, кои ќе овозможат пониски загуби на вода и подобрување на продуктивноста.
- Зголемување на капацитетот на акумулациите за задржување на вода, со цел да се намалат проблемите во периоди на суша.
- Активна соработка со земјоделските здруженија за идентификување на приоритетните потреби на земјоделците и нивно вклучување во креирањето на долгорочните стратегии за управување со водните ресурси. Дополнително, приоритет ќе биде даден на зајакнување на институциите кои управуваат со системите за наводнување и нивно подобро одржување и управување.
АГРОТИМ: Дали постои можност да се креира мерка во новата програма, специјално за оваа намена – за бушотини. Имаме такви позитивни примери и тоа е најчестото барање на земјоделските производители.
ТРИПУНОВСКИ: Праксата во многу земји покажала дека бушотините се одлично решение за наводнувањето. Во рамките на новата програма за рурален развој, Владата разгледува можности за воведување мерки кои ќе бидат насочени кон поддршка за бушотини и алтернативни извори на вода за наводнување. Оваа мерка има потенцијал да обезбеди значителни придобивки за земјоделците, особено во регионите каде што постојат ограничени ресурси на вода или каде што системите за наводнување се помалку достапни. Позитивните примери од одредени региони ја потврдуваат ефективноста на ова решение, и истите ќе послужат како основа за изработка на конкретни мерки кои ќе бидат вклучени во следните годишни програми. Нашата цел е да обезбедиме долгорочно и одржливо решение кое ќе ја поддржи земјоделската продуктивност и ќе им помогне на производителите да се справат со климатските предизвици.
АГРОТИМ:Најавивте нови мерки и програми за директна поддршка на земјоделците, особено младите. Знаеме дека старее популацијата во агросекторот. Дали може нешто поконкретно да ни кажете во врска со ова, затоа што постои голем интерес од страна на младите земјоделци?
ТРИПУНОВСКИ: Како што знаете јас сум постојано на терен и имам директна комуникација со земјоделците и се согласувам со вас дека старее популацијата во агросекторот од една страна, а од друга страна се помалку млади ја превземаат работата на родителите или пак отвораат нов сопствен агро-бизнис. Затоа и во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како во претходните години така и во новата буџетска година останува мерката 112 „Помош за млади земјоделци за започнување на земјоделско производство“ кои ќе користат финансиска поддршка. Исто така морам да истакнам дека во дел од мерките, младите земјоделци на возраст од 18 до 40 години при бодување добиваат повеќе бодови од другите земјоделци,како зголемен процент при кофинансирање.
Во иднина уште по-посветено ќе се фокусираме на младите кои ќе се вклучат во земјоделството како и креирање на нови мерки кои би биле во нивна корист.
АГРОТИМ: До каде е исплатата на субвенциите, дали ќе се одржи ветувањето до крајот на годината да се исплатат сите заостанати субвенции? Со каква динамика ќе се одвива исплатата?
ТРИПУНОВСКИ: Вие ги следите сите наши активности и ја следите динамиката која ја водиме во поглед на исплаќање на заостанати субвенции кон земјоделците. Јас неколку пати споменав дека наследивме девастирано земјоделство со повеќе закочени проекти, неисплатени субвенции и плати, претпријатија кои се на работ на егзистенција и така натаму… Досега откако започнав да раководам со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Агенција за финансиска поддршка во земјоделстото и руралниот развој имаме исплатено околу две милјарди денари за субвенции кон земјоделците. Последно исплативме 139.965.962,00 денари, односно, по 3 денари по килограм за остварено и продадено производство на пченица од Програмата за изменување и дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2024 година. Од агенцијата сум информиран дека се подготвени за сите исплати и во координација со Министерството за финансии се врши исплатата на субвенциите.
За пет месеци ги исплативме заостанатите обврски кон земјоделците од 2020,2021,2022,2023 година па дури имаше и некои од претходните години. Во наредниот период предвидена е исплата на субвенции од тековната година, нешто што не беше практика во минатото. Во новата година пред нас не чека многу работа и ќе се потрудиме да ја вратиме довербата кај земјоделците.
