На 14 јули Владата ја усвои драфт верзијата со придружните елементи на Реформската агенда и истата е испратена до Европската комисија на внатрешна консултација. До 31 јули треба да добиеме повратни коментари за да може после Владата врз основа на тие коментари да ја усвои крајната верзија на Реформската агенда, изјави денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој додаде дека по усвојувањето, следува потпишување договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, по што следи ратификација во Собранието.
Муртезани изрази очекување дека во втората половина на септември треба да стигне првата транша од Планот за раст на ЕК.
Во април и мај годинава, Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел во рамки на Планот за раст на Западен Балкан којшто почива на четири столба – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ; зголемување на економска соработка меѓу земјите од ЗБ; забрзување на фундаменталните реформи и зголемена финансиска поддршка за фундаменталните реформи. Целта е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата. За да се случи таа интеграција потребни се реформи што секоја земја прво ги договара со Брисел, со конкретни рокови и задолженија, додека нивното спроведување ќе се поттикнува со финансиски средства.
Од тие 6 милијарди евра, за државава се наменети 750 милиони евра, од кои првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра.
МИА
