Предлогот на Европската комисија за легализирање на новите технологии за уредување на гени кај растенијата предизвика бројни полемики, објави Politico. Брисел влегува во последната фаза од воведувањето на новиот закон на кој се спротивставуваат активистите за заштита на животната средина и малите земјоделци, а ќе биде претставен оваа недела.
Комисијата смета дека многу рестриктивната регулатива на ЕУ, која претходи на понови технологии, претставува големи пречки за одгледување генетски модифицирани култури и им овозможува на земјите од ЕУ да ги забранат дури и откако ќе се покаже дека се безбедни. Новиот закон има за цел да ја намали бирократијата и да овозможи полесен пристап на пазарот за растенијата одгледувани со „нови геномски техники“ (НГТ), како што е CRISPR-Cas9, кои таргетираат специфични гени без нужно да воведуваат генетски материјал надвор од генофондот на одгледувачот.
Мултинационалните компании, како што се Баер, Сингента и Кортева, настапуваат здружено и го поддржуваат усвојувањето на таков закон. Тие веќе контролираат голем дел од секторот за оплеменување растенија, како и низа помали компании, научници и групи на земјоделци како што е Copa-Cogeca. Тие тврдат дека ЕУ ризикува да заостане зад остатокот од светот во употребата на нови култури со посебни особини кои можат да ги направат похранливи, поефикасни и подобро прилагодени на климатските промени.
На другата страна се зелените политички партии, групите за застапување на заштита на животната средина, еколошките и малите земјоделци и повеќе од 400.000 граѓани на ЕУ кои потпишаа петиција против дерегулацијата на, како што го нарекуваат, „новото ГМО“. Тие посочуваат дека правилата дополнително ќе го заострат притисокот врз неколку мултинационални компании, што ќе им овозможи да бараат патенти за земјоделски култури што можеле да се добијат со конвенционални методи на одгледување, а истовремено да го загрозат конвенционалното и органското производство. Посочуваат и дека останува прашањето за безбедноста на вака добиените производи, бидејќи НГТ постои нешто повеќе од една деценија.
Комисијата ќе го презентира предложениот закон како дел од најновиот пакет мерки во рамките на Зелениот план. Ова ќе вклучи нов закон за здравјето на почвата, законодавство за семиња и друг растителен и шумски репродуктивен материјал и ревизии на аспектите на отпадот од храна и текстил од Рамковната директива на ЕУ за отпад.
