Директорот на „Invest North Macedonia“ Газменд Абдија e учесник на „Annual Investment Meeting„ во Абу Даби, OAE. Тој соопшти дека во оваа прилика имал можност да се сретне со управниот директор на „Магна инвестмент“ кој бил заинтересиран за инвестиции во нашата земја.
„За време на мојот престој во Абу Даби, oстварив многу важна средба со управниот директор на „Магна инвестмент“, г. Абдалах Осеиран и неговиот соработник, г. Махмуд Хаџ Али, во нивните канцеларии во Абу Даби. „Магна инвестмент“ е инвестициска компанија која работи на меѓународно ниво и е специјализирана во областа на странски инвестиции и реализација на големи проекти. Компанијата претставува успешна приказна за инвестирање во повеќе сектори. Посебно задоволство е да ја споделам со вас веста дека „Магна инвестмент“ покажа голем интерес за инвестирање во нашата земја. Разговаравме за можностите за развој на земјоделскиот сектор, а воедно и за создавање нови можности за економски развој во нашата земја. Во тој правец, се договоривме претставници на „Магна инвестмент“, во блиска иднина да ја посетат нашата земја, за да истражуваат повеќе и да идентификуваат конкретни инвестициски проекти. Ова е извонредна можност да се промовира економскиот развој и отворањето нови работни места во земјоделскиот и во други сектори“, објави Абдија.

Тој рече дека се работи со голема посветеност на создавање поволна инвестициска клима за привлекување странски инвеститори и поттикнување развој на земјоделскиот и другите сектори.

„Странските инвестиции се важен движечка сила за раст и модернизација на нашата економија. Заедно, можеме да создадеме светла иднина за Република Северна Македонија“, порача Абдија.
