Сојуз на здруженија на Акцијаши волонтери на Македонија, Здружение на граѓани Акцијаш Ветерани – Велес, Ротари клуб „Велес“, Лајонс клуб – Велес, Општинскиот Црвен крст Велес и Општина Велес заеднички организираа акција за пошумување над езерото Младост, каде заедно засадија две илјади багремови дрвца на локација која пред три и пол години беше опожарена во големиот шумски пожар.

Борче Георгиевски, претседател на Сојузот на здруженијата на Акцијаши волонтери на Македонија, во изјавата за медиумите потенцира дека акцијата е прилог кон животната средина за нејзина ревитализација на површини кои беа опожарени.
-Нашата цел е пошумување и зачувување на животната средина како крајна вредност кон еколошкото богатство на Велес,потенцира Георгиевски.

Тој информира дека во акцијата се приклучиле и здруженија на акцијаши ветерани од Битола, Куманово, Скопје, Штип, Крива Паланка и Гостивар.

Кон акцијата се приклучи и засадуваше дрвца и градоначалникот Марко Колев и други директори и службеници од јавните претпријатија од градот.

Со акцијата воедно беше одбележан 1 Април –денот на доброволното младинско ангажирање што се одбележуваше на просторот на бивша Југославија.
Истото е сеќавање на 1 април 1947 година кога преку првата младинска работна акција започнала изградбата на пругата Шамац-Сараево.
