Во Скопје денеска се одржа македонско-бугарски бизнис форум што го отворија министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за надворешни работи Николај Милков.

На форумот бизнисмените побараа полесен проток на граничните премини и конечно завршување на Коридорот 8, политиката да работи на меѓусебната почит меѓу државите, а бизнисот да го најде патот за подобра меѓусебна соработка.

Посебен интерес се изрази и за активностите за пругата кон Бугарија. На проектот почнат пред 28 години, од македонска страна пред еден месец повторно стартуваа градежните работи на првите две делници, а за третата се подготвува тендерската документација.

Заложбите и на македонската и бугарската страна се да ги завршат планираните работи во својот дел до крајот на 2027 година, а железничкиот дел од Коридорот 8 кон Албанија да се заврши до крајот на декадава.

Македонски и бугарски компании денеска потпишаа и четири договори за меѓусебна соработка, три од областа на винската индустрија и еден во делот на обезбедувањето и безбедноста.

На форумот активно учествуваа над 150 претставници на бизнис заедницата на најголемите компании од двете земји, преставници на стопански комори, како и економски ресорни институции од двете држави.

Денешниот бизнис форум се организира под покровителство на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија со цел стабилизација и создавање на нови бизнис контакти и можности на пазарот на двете држави.
Во текот на последните две години трговската размена меѓу Северна Македонија и Бугарија е зголемена. Во првите три квартали од годинава се бележи раст од над 50 проценти, а до крајот на годинава се очекува да се надмине прагот од една милијарда евра.








