Без разлика на сè, туризмот и туристичката дипломатија поврзуваат дестинации. Ние треба да изградиме мостови помеѓу нас, мостови коишто се срушени, коишто се доволно расклатени, да создадеме поголемо патување и дружење, поголема социјализација и истражување, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, со кого разговаравме за предизвиците со кои се соочува македонскиот туризам и стратегиите за негова експанзија.
Каква беше годинава во поглед на туризмот досега?
Јаневски: Ако ја оцениме туристичката индустрија споредбено со 2020 и 2021 година, таа е во голем пораст. Македонија во првите шест месеци има 20% поголем туристички промет од 2019 година. Тоа, според Светската туристичка организација, нè вбројува меѓу првите 10 земји кои најбрзо закрепнуваат во туристичката индустрија.
Ако ги гледаме резултатите и целите на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во 2022 што си ги поставивме некаде во август 2021 кога не беше возможно со целата таа неизвесност со пандемијата да се планира, ние ги испланиравме на 2,6 милиони ноќевања, а септемвриските бројки ми даваат право да кажам дека ќе ја постигнеме целта за 2022 година.

Што според вас треба да се подобри за експанзија на македонскиот туризам?
Јаневски: Тоа што треба да го работиме е фокусирање на некои традиционални пазари, но и зголемување на портфолиото на дестинациите од коишто ни се присутни туристите.
Ако знаеме дека новата реалност во туристичката индустрија е дијаметрално различна од тоа што се случуваше во 2019 и 2020 година, ќе видиме дека ние тоа што го развивавме, претставува одржливост во туристичката индустрија.
65% од вкупниот број ноќевања до 2020 година ни се во два туристички центри, Скопје, кој функционира 12 месеци, со одредени пикови во текот на годината, летната сезона, бидејќи имаме поголем број кружни патувања и Охрид којшто е типична туристичка дестинација со опфат од мај до октомври. Се потрудивме да ги вратиме пазарите, кои беа традиционални, но и да создадеме доволно нови пазари од коишто генерираме.
Туризмот треба да го третираме многу посериозно. Во моменти немаме развојна стратегија, ни треба стратегија не само на хартија, стратегија која ќе биде доволно применлива и понатаму да може да дава ефекти и да биде мерлива. Тоа е нешто што треба што поскоро да го направиме бидејќи сите стратегии од пред пандемијата треба повторно да се ревидираат и да се градат во една нова реалност. Исто така, треба да вложуваме во човечките ресурси, да ги подигнуваме стручните училишта од кои треба да „вадиме“ стручни кадри.

Во една прилика изјавивте дека до 2025 година благодарение на саеми, манифестации и успешни стратегии, ќе се гордееме со повеќе од половина милијарда долари во македонската економија, и повеќе од 4 милиони ноќевања. Која е нашата стратегија? Дали веќе се забележуваат придобивките од Отворен Балкан?
Јаневски: Предизвикот на Отворениот Балкан веќе ја зголемува конкурентноста во малите дестинации. За многу брзо време треба да излеземе на мегдан со Србија, со Албанија и да докажеме дека можеме, дека знаеме, дека сакаме. Инфраструктурата која е развоен елемент во целата економија, која мораме да ја обновиме, и да овозможиме нашата дестинација да биде многу повеќе поврзана авионски со останати дестинации. Тогаш нема да говориме за Отворениот Балкан на три земји, бидејќи Адријатик регијата е регија која азиските туристи ја перцепираат како една дестинација, всушност, нивните тури од 14 до 21 ден треба да овозможат во нив да биде вклучена и Македонија како дестинација. Сараево-Скопје, Љубљана-Скопје, Белград-Охрид, поврзување на нашиот главен град со повеќе главни градови и дестинации од Европа. Затоа нашиот напор во 2020/2021 година да создадеме зелени зони во туристичката индустрија за брзо патување на туристите вродија во плод. Во 2022 година имаме 50% зголемување на српските туристи, ако ги гледаме споредбено со 2019 година.
Ако „Дома си е дома“, кампањата што ја одбележи пандемијата во 2020 година беше насочена само на два милиона туристи, домашни, бидејќи не можевме да патуваме, тогаш „Дома си е дома“ во 2023 година е на 12 милиони туристи. Тоа значи дека ефектите треба да бидат уште поголеми. Ние ќе имаме можност непречено, по брзи коридори и зелени зони, да овозможиме брз трансфер на патници, многу брзо. Туристите од Отворениот Балкан нема да ја осетат границата, туку нивното поминување и царинските контроли ќе бидат уште побрзи. Велиме дека туристичката индустрија не познава граници. Познава само дестинации. Отворениот Балкан е типичен пример. Без разлика на сè, туризмот и туристичката дипломатија поврзуваат дестинации. Ние треба да изградиме мостови помеѓу нас, мостови коишто се срушени, коишто се доволно расклатени, да создадеме поголемо патување и дружење, поголема социјализација и истражување.
Пред неколку месеци во врска со Отворениот Балкан реков: Не е возможно да се патува од Охрид до Белград 7, 8 или 10 часа со автомобил. Тоа треба да биде 45 минути до еден час. Истата практика треба да ја имаме насекаде во регионот. Во многу брзо време очекувам меѓународен тендер на кој ќе имаме пројавен интерес од повеќе нискобуџетни компании кои ќе овозможат летови кои не само што ќе им бидат исплатливи, туку дестинации од кои во туристичката индустрија ќе генерираме повеќе туристи.
2023 година очекувам да биде обележана со неколку нови линии. Долгоочекуваната Тел Авив-Скопје, Белград-Охрид од мај 2023 двапати до трипати неделно, чартер линија за Сараево или Бања Лука, дополнителна чартер линија од Измир за Охрид, се надевам дека ќе се реализира линијата помеѓу Анкара-Скопје.
