На предлогот на Европската комисија за намалување на употребата и ризикот од пестициди, земјите членки на ЕУ бараат нова проценка на влијанието. Како причина тие ја наведуваат загриженоста за безбедноста на храната и издржливоста, но извршната власт на ЕУ остана цврста во своите убедувања, пишува Euractiv.
Од земјите членки ќе биде побарано да постават свои национални цели за намалување во рамките на дефинираните параметри. Целта е да се преполови употребата и ризикот од пестициди до 2030 година.
Во август, Комисијата објави податоци за очекуваните национални придонеси кои се правно обврзувачки. Резултатите шокираа некои членки. За да се постигне општата цел, поединечните земји мора да се соочат со намалувања од над 60 проценти.
Земјите од ЕУ критикуваат дека се уште се обидуваат да спроведат нешто што било планирано пред војната во Украина. Нагласуваат дека сега на терен се и други услови кои предизвикаа пореметувања во синџирот на снабдување.
ЕУ не може да си дозволи помала продуктивност
„Заради квалитетот на законодавството, барам од Европската комисија да направи нова веродостојна проценка на влијанието, земајќи ги предвид последиците од војната во Украина и да ги преиспитс предложените законски решенија“, изјави полскиот државен секретар Ришард Бартошик. Приоритет е да се обезбеди безбедност на храната на граѓаните на ЕУ и зачувување на суверенитетот на храната, нагласи тој.
Кон ова се приклучија и други земји, како Унгарија, Австрија, Шпанија и Романија, кои посочија дека ЕУ не може да си дозволи да ја намали продуктивноста во моменталниот контекст.
Наспроти нив, германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир изрази поддршка за плановите на ЕК. Тој се спротивстави на идејата за понатамошна проценка на влијанието.
Соочена со реакции, комесарката за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес одби да ги повлече националните цели за намалување на пестицидите, повикувајќи се на волјата на народот.
Таа нагласи дека се подготвени да работат на изнаоѓање компромис и наведе други фактори, како што се климатските промени, губењето на биолошката разновидност, намалениот број на опрашувачи и војната во Украина, кои исто така претставуваат закана за безбедноста на храната.
