Според податоците собрани од Меѓународниот совет за житарки (IGC), до крајот на жетвата 2022/23 година, светските резерви на пченка ќе бидат доволни за само 80 дена потрошувачка. Тоа е за 28 отсто помалку од пред пет години и најниско ниво од сезоната 2010/11, објави Ројтерс.
Тие коментираат дека тоа би биле помалку залихи отколку во 2012 година, кога последната глобална криза со храна предизвика немири.
За ублажување на недостигот на храна, Светската банка одвоила 30 милијарди долари помош, а американскиот претседател Џо Бајден најави дополнителни средства од 3 милијарди долари за борба против глобалната несигурност за храна.
Посебно загрижува ситуацијата во Африка. Имено, според податоците на Обединетите нации, половина милион деца во Сомалија се соочуваат со најголемата глад во овој век. Рогот на Африка беше погоден од суша, а од неа страдаа и други делови од светот. Приносите на производителите се ниски.
80 отсто помалку род
Од другата страна на светот, одгледувачот на пченка од Јужна Дакота, Марк Грос, очекува оваа есен да собере само 1,27 тони/хектар, што е за 80 отсто помалку од минатогодишниот просек таму.
Таму пролетта била многу сува, а потоа следеле две бури со удари на ветер од 160 км/ч. Сè укажува дека годината ќе биде кризна како 2012 година кога беа забележани минимални приноси.
На глобално ниво, залихите на сите ожнеани житарки на крајот на сезоната ќе достигнат најниско ниво во последните осум години, објави IGC. Оскудните залихи се погодени од климатските промени и зголемената глобална побарувачка за добиток што се храни со пченка.
