Романија оваа година ожнеа девет милиони тони пченица, за петтина помалку од минатата година. Причината се неповолните временски услови и повисоките трошоци за производство, соопшти тамошното Министерство за земјоделство.
Минатата 2021 година, забележале рекорден род од 11,3 милиони тони, наведува Ројтерс. Министерот за земјоделство Петре Даеа изјави дека годинава ќе биде помал за речиси една петтина или 18 отсто, но сепак ќе има вишок за потреби за извоз. Посевите настрадаа поради високите температури и долготрајната суша. Прелиминарните податоци на министерството покажаа штети на 420.380 хектари, од вкупно засеани околу седум милиони хектари.
Таму во моментов се собира сончогледот и пченката. Романија е еден од најголемите продавачи на житарки во ЕУ, ги извезува и на Блискиот Исток, а главен купувач е Египет. Романија троши од 2,5 до три милиони тони. Житарките ги извезува преку пристаништето Constanta на Црното Море, кое Украина го користеше како алтернативен пат во шесте месеци по руската инвазија.
Египет купил пченица за 368 долари за тон
Египет, покрај тоа што е еден од поголемите купувачи на романска пченица, во понеделникот купи 240.000 тони руска пченица, потврди за Ројтерс Министерството за снабдување на земјата. Со тоа тие го продолжија неодамнешниот тренд на набавки без да се распишуваат меѓународни тендери.
Министерството не ја откри цената или добавувачот, но трговците рекоа дека веруваат дека бил продаден на Генералната управа за набавка на стоки (GASC) по цена од 368 долари за тон, што е за околу 8 отсто помалку од последното купување во јули.
Државниот откупувач досега преку тендери и директни откупи откупил околу 1,8 милиони тони увезена пченица од почетокот на новата деловна година, рече министерот за снабдување.
Така, сега стратешките резерви на пченица во Египет се доволни за седум месеци, еден месец повеќе од вообичаената цел од шест месеци.
Египет, еден од водечките светски увозници на оваа житарка, во последниве години многу се потпира на руската и украинската пченица.
Рекордни цени во Индија
Од друга страна, Индија има доволно залихи на пченица и нема план да увезува житарки, соопшти во неделата тамошната влада како одговор на одредени медиумски извештаи дека Њу Делхи планира да увезува. Цените на пченицата таму скокнаа на рекордни 24.453 рупии (308 евра) за тон.
Тоа е зголемување од речиси 16 отсто во однос на неодамнешните најниски вредности што следеа по ненадејната забрана за извоз на 14 мај, ставајќи крај на надежите дека Индија би можела да ја пополни пазарната празнина создадена од недостигот на украинско жито.
Растот на цените ги поттикна шпекулациите на трговците дека Њу Делхи ќе дозволи увозот да ги зголеми залихите, кои се намалени откако посевите беа погодени од топлотен бран.
Но, Одделот за храна и јавна дистрибуција на Твитер објави дека не постои таков план. „Земјата има доволно залихи за да ги задоволи нашите домашни потреби и за јавна дистрибуција.
Набавката на пченица во Индија во 2022 година падна за 57 отсто во споредба со претходната година на 18,8 милиони тони, пренесува Агроклуб.
