Додека војната продолжува со несмалена жестина, делегациите на Русија и Украина постигнале начелен договор во Турција за деблокирање на извозот на жито во Црното Море, соопшти Турција.
Украина е важен извозник на земјоделски производи и неможноста да се испорача жито на светските пазари предизвика пораст на цените и загриженост за глобалниот недостиг на храна.
Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар рече дека двете страни се согласиле за начините за обезбедување на безбедноста на транспортните патишта за бродовите со житарки.
Тој рече дека договорот ќе биде потпишан следната недела, кога се планираат нови разговори во Турција.
И генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека по разговорите меѓу Русија, Украина, Турција и претставници на ОН, е направен „значаен, фундаментален чекор“ кон сеопфатен договор за обновување на црноморската рута за извоз на украинско жито.
„Се надеваме дека следната недела ќе успееме да постигнеме конечен договор. Но, како што реков, сè уште ни треба многу добра волја и посветеност од сите страни“, изјави генералниот секретар на ОН за новинарите во Њујорк“, пренесе Ројтерс.
