Најголемата светска фабрика за чоколади на познатиот производител „Бери Калебо“ (Barry Callebaut) го прекина производството во Визе, Белгија, поради појавата на салмонела.
Лецитинот е идентификуван како извор на контаминација, а бидејќи се користи во целото производство на чоколади, превентивно се стопирани сите производни линии и започнато е тестирање на произведеното чоколадо, соопштија од швајцарската групација.

„Бери Калебо“ дистрибуира чоколадо на големи компании како Hershey, Mondelez, Nestle и Unilever..
Засега не е познато во кој производ е пронајдена салмонела, па од купувачите било побарано да престанат да ги користат купените производи.
Фабриката, како што е наведено, ќе се чисти и дезинфицира пред да почне повторно со производство.

Швајцарската групација „Barry Callebaut“ е број еден во светот, со годишна продажба од 2,2 милиони тони во текот на финансиската година 2020-2021. Во текот на изминатата финансиска година, компанијата, чие седиште е во Цирих, оствари нето добивка од 331 милион фунти. Компанијата вработува повеќе од 13.000 луѓе и има повеќе од 60 производствени локации низ светот.
