Русија е подготвена да обезбеди хуманитарен коридор за бродовите кои превезуваат храна од Украина, изјави вчера рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко, пренесува Ројтерс.
Еден ден претходно тој повика на укинување на санкциите наметнати на рускиот извоз, велејќи дека тоа ќе помогне да се продолжи со испораката на житарки на светските пазари.
„Ограничувањата кои се наметнати на рускиот извоз мора да бидат укинати“, рече тој, додавајќи дека не е точно дека тие не влијаат на храната и ѓубривата, бидејќи има проблеми со плаќањето и обезбедувањето на таквите испораки, како и проблеми со пристапот на руски бродови во европски и други пристаништа, но и обратно.
„Значи, овие прашања треба да се решат на сеопфатен начин“, изјави тој за Интерфакс.
Пченката преку Германија до Египет
Во германското пристаниште вчера беше испорачан првиот товар со украинска пченка, од каде со брод ќе се транспортира до Египет. Се работи за 1.800 тони пченка, објави zdopravy.cz.
На овој начин треба да ослободат магацините во Украина за примање на новата реколта и спречување на недостигот на храна во Африка и Азија, каде што многу се користат украинските житарки.
„Ова го гледаме како помош и, во исто време, деловна можност“, рекол извршниот директор на чешкиот превозник CD Cargо, Томас Тот. Во моментов Украина не може да извезува стоки на вообичаен начин преку пристаништата на Црното Море.
„Новата жетва се приближува, а силосите во Украина се уште се полни, така што барем дел од залихите треба да се испорачаат со железница низ Европа“, рече тој, додавајќи дека се преговара за алтернативи за транспорт.
„Се решаваат различни рути и коридори. Во моментов, главно преку полските и германските пристаништа, или јужните рути низ пристаништата во Јадранското Море“, додаде тој.
