Со помош на технологијата, пристапот до интернет и можноста за постојано едуцирање земјоделството доби нов лик, којшто е многу полесен и поинтересен за нас младите“, вели 26-годишниот Никола Ќиров од Кавадарци.
Никола e дипломиран архитект, кој досега одгледувал лозови насади на површина од 2 хектари, a оваа година решил да ги прошири земјоделските површини и да почне да одгледува лук.
„Јас како дипломиран архитект, егзистенцијата ја обезбедувам преку малопродажба во сопствена продавница за грејни тела и огрев. Како фамилија што живее во лозарскиот крај, одгледуваме и лозови површини, но не повеќе од 2 ха. Лозарството е една гранка која бара многу предвидување на условите и навремено реагирање. Со помош на технологијата, одгледувањето е многу поедноставено. Затоа се решив оваа година за проширување на земјоделските површини, но со нова градинаска култура – лук.

Бидејќи неговото семејство претходно не ја одгледувало оваа градинарска култура, Никола користел искуства од пријатели, списанија и од интернет, а механизацијата ја прилагодил од реклами за продажба на машини за обработка на лук.
„Долго време истражував и барав градинарска култура во која работните обврски нема да се поклопуваат со обврските околу лозарството. Со помош на интернетот и пријатели, дојдов до идеја да засадам лук. Претходно фамилијарно не сме одгледувале, па затоа искуството го искористив од списанија и интернет, а механизацијата ја прилагодив од реклами за продажба на машини за обработка на лук.
Ја прилагодив семејната нива која беше необработена и засадив 300 кг лук на површина од 0.2 ха за да си обезбедам семе за наредна година. За наредната година планирано ми е да засадам околу 3000 кг лук на површина од 1.7 ха.“

Никола се надева дека ќе најде добар пласман за лукот за да може да обработува и до 10 хектари лук.
„Ако најдам добар пласман со машините што ги поседувам сега, би можел да обработувам до 10 ха лук.
Поради секојдневните и семејните обврски на млад татко на две деца, за насадот ангажирав луѓе кои го засадија за 2 дена. Најпрво јас со помош на машинка што ја направив за бележење го бележев местото каде да се сади.
Веќе сум во изработка на неколку машини, со што за наредната година сѐ би било механизирано, од обработка на земјата до садење и берба, со минимална работна сила.
Како почетник сѐ уште немам пласман на производот, но мислам дека со одличен квалитет тоа нема да биде проблем. Во иднина, доколку пазарот го бара, би сакал да се осврнам на органско производство. Во овој брз начин на живот, огранското производство отсекогаш ми претставувало предизвик и желба за производство и консумација.
Изминатите години во услови на пандемија, мислам дека на сите сѐ повеќе ни е јасно дека храната е најнеопходна. Нашата земја не беше поштедена од шоковите на цените предизвикани од светските берзи. И тогаш кога цените на прехранбените производи вртоглаво почнаа да растат, производството на храната во услови на недостиг не е така тешко.“, вели Никола.

Ова интервју со Никола беше на почетокот на сезоната кога сеуште постоеше несигурност околу производството и дали неговата инвестиција ќе биде успешна и ќе се исплати.
Пред некој ден направивме повторно разговор со него на тема производство на лук. Очигледно беше неговото задоволство од успешната реколта, квалитетот и приносот.

Слушнете кои се неговите идни планови, можеби ќе ве мотивира и вас да започнете со ова перспективно производство и да се здружите за заеднички настап на пазарите.
Од Агротим имате поддршка во промоција и едукација за овој вид на производство и агробизнис.
