Сања Милковиќ од селото Вашица во близина на Шид, Србија, уште од мала го користела секој момент за да оди на нива со својот татко. Сакала да се вози во трактор и да работи на полето. По завршувањето на основното училиште се запишала во Шумарското училиште во Сремска Митровица, но не се пронашла таму, па решила да се врати во селото за да му помогне на својот татко во земјоделството, пишува Хрватска ријеч.
„Возам трактор уште од мала. Од кога можев сама да се качам на тракторот, седев во скутот на татко ми додека тој возеше, а подоцна тој седеше до мене додека јас возев. Од татко ми научив сè за земјоделството. Додека тој сееше, јас како мала одев со него на поле и правевме сè заедно. На нивата сум сама во природата и тоа ме опушта“, вели Сања, додавајќи дека љубовта кон оваа работа и е всадена уште од мали нозе и се пронашла во неа.

Нејзиниот работен ден започнува во раните утрински часови. Тогаш прави распоред на дневните активности со татко и и мајка и. Секогаш има работа, особено во сезоната на жетва.
„Кога е во тек жетвата и кога има најмногу работа, станувам многу рано. Го подмачкувам комбајнот, го подготвувам за работа за да биде сè во ред. Кога татко ми оди на поле да работи, ја закачувам приколката на тракторот и тргнувам по него. Кога приколката ќе се наполни со соја, одам да ја предадам на воденицата. Татко ми ја зема празната, а јас ја влечам полната за да ја предадам“, објаснува Сања.
„Работа има и за мајка ми и сестра ми кои доаѓаат од Нови Сад, тие ја растовараат пченката, за пет дена четворица ја жнееме пченка, растовараме сè и средуваме.“

На Сања не и е непозната работата околу поправките на земјоделската механизација. Вели дека не е стручњак за оваа работа, но дека кога ќе „згусне“ и кога нема мајстор, се труди сама да поправи нешто и, како што гордо вели, успева и во тоа.
Нејзиниот татко Мирко е горд на својата ќерка, која преземала голем дел од работата.
„Имам голема желба да имам нов комбајн, нови трактори и модерни машини. Сакам да останам на село. Не би заминала одовде за никакви пари. Понекогаш одам кај сестра ми во Нови Сад каде што останувам неколку дена, но потоа едвај чекам да се вратам дома. Не ми се допаѓа градот и гужвите. Животот на село е тежок, но сакам да живеам овде и покрај сè“, вели Сања.
„Јас сум една од ретките девојки од селото која е целосно посветена на оваа работа. Сите ме прифатија, но не можат да веруваат со колку љубов работам во земјоделството. Но, не размислуваме сите исто. Мојата генерација најмногу размислува и фантазира да отиде што подалеку одовде и да се посвети на некоја друга работа. Мене тоа не ме влече. Сакам мојот живот да го поминам на село“, вели Сања.
