Рим е преплавен од диви свињи во потрага по храна. Здравствените власти работат на сузбивање на популацијата по откривањето на телото на свиња која умрела од африканска свинска чума, објави Гардијан.
Според видеата објавени на социјалните мрежи, овие диви животни може да се видат како слободно шетаат по улиците, лежат на патот каде што младенчињата слободно цицаат, влегуваат во сообраќајот, шетаат по парковите.
Затоа се забранети излети во градските области, хранење и приближување кон животните, а кантите за отпадоци во северниот дел на градот се оградени. На луѓето кои биле во природа и оделе по земјоделското земјиште им било препорачано да ги дезинфицираат чевлите.
Во јануари болеста беше откриена кај диви свињи во северниот регион Пиемонт, а минатата недела угинала свиња во природниот резерват Инсугерата. Тоа е првиот пријавен случај во централниот дел на земјата што ја натера владата да назначи специјален комесар за воведување мерки за искоренување на болеста.
Ловот, како и бројните активности на отворено беа забранети уште во јануари годинава, со цел да се спречи заразување на домашните животни.
23.000 диви свињи во Рим
Според Здружението на фармери Колидрети, во градот и околу него има околу 23.000 диви свињи. Најпогодени се северните и северозападните делови, вклучително и областа околу Ватикан. Дивите свињи шетаат по улиците во потрага по храна во кантите за ѓубре. Жителите на некои населени места вовеле ноќни дежурства по серијата напади во кои биле повредени граѓани.
Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца најави максимална посветеност на случајот, а Андреа Коста, државен секретар на истото министерство, рече дека владата разговара и за мерките за контрола за намалување на нивната популација. Тој истакна дека ја почитуваат чувствителноста на активистите за правата на животните и еколозите, но Италија се соочува со вонредна состојба која бара итни мерки.
